Пендаровски: Би било не само луксуз туку и опасно за Македонија да оди на избори на 24 април

Дел од раководството на СДСМ, предводен од Стево Пендаровски, денес престојува во работна посета на Охрид.

Пендаровски оствари средби со граѓаните на Охрид и охридско, со раководството и сo членството на партијата во Охрид.

„Доаѓам во еден исклучително интересен временски период кога не очекуваат веќе следната недела неколку битни решенија за иднината на Македонија, пред се мислам на одлуката на Меѓународната заедница, во однос на еднострано договорениот датум за избори на 24ти април, знаете тоа следи по неуставната одлука да се распушти Собранието, а да продолжи  да работи, и ако тоа се ефектуира практично на 24 февруари ние ќе имаме распуштено Собрание и одиме кон еднострано закажани избори. Низ разговор со граѓаните, се обидувам да појаснам неколку битни точки и еден став, ставот е дека Македонија не смее да си дозволи луксуз, да има еднострано закажани избори на 24 април, не затоа што е тоа нечиј ќеиф, интерес страв било што, туку затоа што не се обезбедени елементарните предуслови за фер и демократски избори.“- изјави Пендаровски.

Според Пендаровски, ако изборите во Македонија се одржат на 24ти април, тоа би било не само луксуз туку и опасно.

„Клучните столбови на Пржинскиот договор не се имплементирани и поради тоа, би било не само луксуз туку и опасно за Македонија да оди на избори на 24 април, со цел да се направи ќеифот на две политички партии од актуелната Влада кои и така ноторно е познато, месеци, години уназад ја злоупотребуваат власта која ја имаат добиено на фалсификувани избори практично од 2011 до денеска. Мислам дека е фер, ако некој прави, ако некој сака да имаме фер и демократски избори, учесниците на тие избори да имаат минимум услови за рамноправен третман и настап на тие избори. Ако се оди на овие избори на 24 април по секоја цена, јас ви тврдам дека политичката битка нема да биде рамноправна, затоа што ќе имаме во изборната процедура влезени политички партии, коалиции, независни кандидати и едно злосторничко здружение. Чесно е сите да бидат политички субјекти зад кои не се надвиснати вакви сериозни обвинувања за злоупотреби во избирачкиот процес. Ако е точна информацијата дека минимум три актуелни членови на сегашната Државна изборна комисија се под сериозни обвиненија од Специјалното јавно обвинителство, како можеме да се надеваме на кредибилен изборен процес ако тие луѓе од ДИК се под обвинение, а треба да ги организираат изборите на 24-ти. Значи многу работи во Македонија не се расчистени. Претпоставка е дека одлуката на меѓународните институции која ќе се заснова на проценките кои ќе ги направат домашните институции, пред се Државната изборната комисија ќе одат во таа насока, дека е подобро да расчистиме некои работи, отколку да правиме избори заради избори. Ние такви избори имавме и во изминативе години и видовме на кое дереџе дојде Македонија.“ – додаде Пендаровски.

WebOhrid