Започнаа годишните билатерални консултации помеѓу Македонија и НАТО

„Република Македонија е посветена на регионалната и евроатлантската безбедност и стабилност. Тоа го покажува и фактот дека Армијата на Република Македонија во континуитет придонесува кон мировните мисии и операции предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации“, истакна државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска – Ристова во своето обраќање со кое денес во просториите на Регионалниот центар за односи со јавноста беа отворени дводневните редовни билатерални консултации помеѓу Република Македонија и НАТО.

На консултациите во рамките на процесот на планирање и анализа, државниот секретар Чуповска – Ристова посочи дека Македонија и по завршувањето на мисијата ИСАФ во Авганистан, продолжи да придонесува кон мирот и стабилноста во оваа земја во рамките на новата мисија „Одлучна поддршка“. „Оваа година ние ќе го продолжиме нашето учество во мисијата во Авганистан со 39 лица“, додаде Чуповска – Ристова. Таа посочи дека припадниците на Армијата се дел и од ЕУ операцијата АЛТЕА во БиХ, како и мисијата на ОН, УНИФИЛ, во Либан.

Во однос на реформските процеси, Чуповска – Ристова истакна дека приоритет за Министерството е организациското реструктурирање и зацврстување на оперативните капацитети и способности, споменувајќи го и пополнувањето на Армијата со нови 250 професионални војници минатата година, како и промоцијата на 34 нови офицери произведени од Воената академија.

„Едукацијата и континуираното образование е основа на која ќе продолжиме да ги развиваме нашите одбранбени капацитети“, истакна државниот секретар. Во тој контекст таа посочи дека континуирано се работи на унапредување на Воената академија, која треба да се трансформира во Национален одбранбен универзитет. Центрите во Македонија како Центарот за обука на пилоти, Регионалниот центар за односи со јавноста како и полигонот Криволак, истакна Чуповска – Ристова, се значаен дел од системот на образование.

На отворањето, државниот секретар Чуповска – Ристова додаде дека акцентот ќе биде даден на модернизација согласно Долгорочниот план за развој на одбраната 2014 – 2023, за што се креирани и Интегрирани проектни тимови во Министерството.

За време на консултациите претставниците од Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Министерствата за внатрешни, надворешни работи и финансии и други институции ќе разговараат за новите Партнерски цели 2016 година кои имаат за цел унапредување на способностите на Република Македонија од безбедносен аспект, согласно стандардите на земјите-членки на Алијансата, а во насока на зачленување на Македонија во НАТО.

Во текот на утрешниот ден, НАТО – тимот предводен од Пол Саверо, во Министерството за одбрана, ќе оствари средба со министерот Зоран Јолевски.