Универзалната сала ќе се реконструира и прошири

Универзалната сала во Скопје, преименувана во Конгресен центар Александар Македонски ќе се реконструира и прошири со одделни придружни содржини, наместо да се гради нов објект на тоа место како што беше планирано и избрано идејно решение …

Ова денеска го најавија министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Одлуката е донесена на седница на Влада и се очекува реконструкцијата да чини околу 15 милиони евра, што е значително помалку отколку проектот за изградба на нов објект во вид на јајце кој ќе чинеше од 60 до 65 милиони евра.

„Верувам дека оваа одлука ги оправдува и барањата коишто призлегоа од голем број здруженија на граѓани и уметници, и од желбата да остане постоечкиот објект и тој да се реконструира“, рече Канческа-Милевска.

Таа појасни дека по изборот на идејното решение на „Стоун дизајн“ за изградба на Универзална сала во вид на јајце и направените проценки од проектантската куќа дека реализацијата ќе чини од 60 до 65 милиони евра, одржани се низа состаноци со проектанската куќа со цел да се намали износот.

„Имавме долги состаноци и комуникација со проектантската куќа и побаравме некоја рационализација на одредени содржини и намалување на сумата, така што се стигна некаде до 50 милиони евра, но сепак се увиде дека навистина тој нов објект согласно конкурсното решение навистина доста чини во споредба со реконструкцијата на постоечкиот објект чија првична сума е седум милиони евра, а со проектирањето на ентериерите и сценската технологија се очекува да чини максимум до 15 милиони евра. Навистина има голема разлика и сметавме дека оваа сума на новиот објект за изградба на Универзална сала со чинење од 60 до 65 милиони евра е економски неоправдано и нецелисходно, “истакна министерката за култура.

За реконструкција на Универзалната сала беше изработен проект пред околу осум години. Тој ќе треба да се измени за во него да бидат внесени пропратните содржини, ентеритерите и сценската технологија. Откако ќе биде изменет проектот за реконструкција, одлуката ќе треба да ја донесе Советот на Град Скопје.

Градоначалникот Коце Трајановски нагласи дека Скопје ќе добие нов, модерен и функционален Конгресен центар со изглед сличен на постојниот, но со дополнителни сали, а ќе биде решено и паркирањето според сите стандарди на урбанистичкото планирање.

„Земајќи го во предвид мислењето и јавувањата на голем број граѓани и здруженија коишто бараа Универзалната сала да остане на истото место и да биде со сличен изглед како што е постојната, како Совет на Град Скопје ќе го префрлиме правото на измена на проектот за реконструкција, доградба и надградба на Универзалната сала т.е. на КЦ „Александар Македонски“, со што очекуваме вредноста за реализација на овој проект да биде околу 15 милиони евра,“ рече Трајановски.