Амбасадорите на Европската унија (ЕУ) и на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Аиво Орав и Џес Бејли, според најавите, денеска попладне треба да ја соопштат оценката за тоа дали се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април.
Засега нема официјална потврда на кој начин амбасадорите ќе ја соопштат одлуката, дали лично ќе му ги однесат заклучоците на техничкиот премиер, Емил Димитриев, по што би следувала прес-конференција или пак на друг начин ќе му го испратат извештајот.
Првично беше најавено дека извештајот со оценката за условите за одржување на фер и веродостојни избори, амбасадорите ќе ја соопштат на 19 февруари (вчера), но висок дипломатски извор за „Мета“ вчера рече дека конечниот текст на заедничката изјава сè уште се подготвувал во Брисел и Вашингтон.
Според истиот извор, преговорите на политичките партии ќе продолжат „на локално ниво“.
Политичките партии повеќепати ги пробија роковите за точките предвидени од Договорот од Пржино, а сè уште не успеаја да се договорат за законот за медиуми. Завчерашната средба на работните групи заврши без успех, а, како што рече белгискиот посредник, Питер Ванхауте тоа ќе има влијание на конечната оцена на ЕУ и САД.
Засега нема официјална информација дали и кога работните групи ќе продолжат со работа. Белгискиот олеснувач соопшти дека топката за продолжувањето на разговорите е во рацете на политичките партии, кои треба да одлучат дали ќе продолжат да бараат компромис за спорното прашање.
Извор: meta.mk