Откриена царинска измама, запленети девизи, цигари, тутун, облека, ловечка муниција и фалсификати

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, цигари, тутун, облека, бижутерија, лак за нокти, ловечка муниција, машини за чистење, делови за градежни машини, нивелатори за плочки, шприцеви за тулумби и фалсификати. Откриена е и една царинска измама.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 8.600 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на двајца патници пријавени за излез од државата.

Во првиот случај, при личен претрес на албански државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Ајндховен, во предниот џеб од панталоните се пронајдени 15.600 евра за кои не поседувал потврда за внесени девизни средства, издадена од царински орган. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 5.600 евра се привремено задржани и поднесено е барање за поведување прекршочна постапка.

Во вториот случај, кај македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Гетеборг, пронајдени се 5.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 3.000 се привремено задржани и поведена е прекршочна постапка.

Цигари и тутун

– 81 штеки цигари со македонски акцизни маркички и 10 кг режан тутун, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автобус и едно патничко возило, пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, при контрола на швајцарски автобус, во патна торба, сопственост на македонски државјанин – патник во автобусот, пронајдени се 81 штеки цигариRODEO. Во вториот случај, при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, во патна торба сместена пред совозачкото седиште и куфер сместен на задното седиште, пронајдени се 10 кг режан тутун.

Цигарите и тутунот се привремено задржани, а против против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Облека, бижутерија и козметика

– 59 парчиња облека (блузи, женски палта и фустани), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на македонски државјанин, патник во автомобилот, се пронајдени во три кеси сместени во багажниот простор, зад возачкото седиште и пред совозачкото седиште. Производите се привремено задржани, а против сопственикот е поведена соодветна постапка.

– 29,7 кг бижутерија (прстени, обетки, алки и др.) и 332 шишенца лак за нокти, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Ќафасан.. На прашање на царинскиот службеник, патникот пријавил дека носи една кесае со бижутерија, но при контрола на возилото, пронајдени се 9 кеси со бижутерија и една кеса со лакови за нокти, сокриени зад совозачкото седиште, зад резервната гума и под тапацирот на багажникот на возилото. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Машини за чистење и делови за градежни машини

– 5 индустриски машини за чистење под и теписи, марка KARCHER, откриени при контрола на стока наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 2. Непријавените машини се привремено задржани, а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 2 метални тегови за градежна машина, откриени при контрола на бугарско комбе, сопственост на фирма од Благоевград, управувано од бугарски државјанин и пријавено за влез во државата на граничниот премин Делчево. Возачот пријавил дека носи 10 шахти, но при извршената контрола, под шахтите се пронајдени и деловите за градежни машини. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Друго

– 200 патрони ловечка муницијаTORDO 30 калибар 12/70, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од кипарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Ловечката муниција е пронајдена во багажниот простор на возилото, сокриена во три кутии сместени во делот наменет за алат, во кеса сместена во патна торба и во ловџиска торба. Муницијата е привремено задржана, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 27 шприцеви за правење тулумби, откриени на Железничката станица Табановце, при контрола на патнички воз што сообраќал на релација Солун-Белград. Производите, чиј сопственик е непознат, се пронајдени во патна торба сокриена зад седиштето во едно купе во возот.

– 6.000 нивелатори за керамички плочки, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во повеќе кеси сместени во багажниот простор, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 4 рачни часовници со ознаки на заштитена трговска марка, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 3 пратки, од испраќачи од Холандија, наменети за физички лица од Скопје и Кочани. Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, започнати се постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Измама

Во царинската испостава Скопје 1 е откриен обид за избегнување плаќање увозни давачки, со погрешно тарифирање на стока при увозно царинење.

Увозник од Скопје, во два случаи, пријавил за увозно царинење свински коски, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. При извршените физички контроли на стоката, поради сомневање во правилното распоредување, земени се мостри и испратени на анализа во царинската лабораторија, каде е утврдено дека се работи за друг производ што се распоредува во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за увозни давачки од 25% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околи 54 илјади денари.