Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата во општина Охрид, на својата вчерашна седница ја усвои Годишна програма за работа за 2016 година. Програмата за работа на ОСБСП, предвидува реализација на повеќе значајни проекти и активности насочени кон сите целни групи-учесници во сообраќајот, со цел подигнување на јавната свест за унапредување на безбедноста на сообраќајот во Охрид и едукација на сите целни групи.
Како што истакна м-р Стефан Димоски, претседателот на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, во Годишната програма се предвидени активности за афирмација и имплементација на Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот до 2020 година а посебен приоритет е ставен на изработка на Локална стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата во Охрид, со што општина Охрид би била првата општина во Република Македонија што би усвоила ваков документ.
Во Годишната програма се предвидени низа проекти и кампањи за подигнување на безбедноста во сообраќајот и соработка со сите релевантни институции во општината, со Републичкиот совет за безбедност, невладините организации, здруженијата, медиумите и други субјекти. Пред членовите на Советот беше презентиран Акциониот план за велосипедско поврзување во градот во кој се предвидени идејните проекти за велосипедско поврзување на Охрид со Струга, со туристичката населба „Св.Стефан“ и проектот велосипедска патека за секоја охридска улица.
Претседателот Димоски кажа дека ќе се преземат активности за реализација на проектот за формирање ученичка сообраќајна единица (избор на 10 ученици од сообраќајната струка при Електро-машинскиот училишен центар „Св.Климент Охридски“ Охрид и преку СВР Охрид нивна обука за регулирање и помош на учесниците во сообраќајот низ градот во периодот јуни-август, и изработка на соодветни униформи. Тој додаде дека се подготвува и проектот односно едукативната кампања „Како возиме на кружен“, во соработка со локалната, СВР Охрид, Авто-школите, медиумите (флаери, ЦД со видео анимација за правилно управување на возила на кружните текови).
Со цел поблиска соработка со Секторот за локален економски развој и непречена реализација на предвидени активности, на предлог на претседателот Димоски, за нов член на Општинскиот совет за безбедност е избран Илкер Мустафа, вработен во Секторот за локален економски развој.