Во Поликлиниката Драчево утре почнува да функционира Кабинетот за еходијагностика на абдомен и тироидеа. Двајца специјалисти ќе ги прегледуваат пациентите од населбата Драчево и околината, кои досега беа препраќани или во други поликлиники или во терцијално здравство.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Поликлиниката и најави дека од утре таму се воведува нова дијагностика за околу 80.000 жители кои гравитираат во овој дел на Скопје.
„Станува збор за еходијагностика којашто досега воопшто не беше овозможена на пациентите од овој регион на градот. Станува збор за ехо на абдомен и ехо на тироидеа. За овие две дијагностички процедури досега пациентите се препраќа во други поликлиники и на терцијално ниво на здравствена заштита. Согласно податоците од „Мој термин“ станува збор за околу 1.000 пациенти годишно кои се упатувале кон други здравствени установи со цел да се изврши ваков преглед“, рече Тодоров.
Во Поликлиниката Драчево се повеќе расте бројот на услуги кои се даваат во делот на специјалистичко-консултативната здравствена заштита.
„Досега се направени над 6.000 вакви услуги што покажува дека воведувањето на специјалистичките кабинети во Драчево е полн погодок. Во оваа поликлиника скоро и да нема пациенти кои не доаѓаат на „Мој термин“ што покажува дека имало голем интерес, но и сериозна потреба на жителите на Драчево и околината за проширување на здравствените услуги кои се даваат во поликлиниката. Бројот на препраќања кон другите установи на секундарно и терцијално здравство се намалува“, истакна министерот за здравство.
Според директорка на Здравствен дом – Скопје Татјана Баевска Вучковиќ целта е доближување на специјалистичките услуги според местата на живеење на граѓаните придонесувајќи за квалитетот на нивниот живот.
„Бројот на услуги секоја година расте. 2015 ја завршивме со 33.800 услуги и со 5.500 услуги во споредба со 2014 година, а само 3 проценти се препратени пациенти. Следењата на потребите за давање здравствени услуги не води да ги прошируваме услугите посебно во делот на Кабинетот за интерна медицина. Во насока на зголемен број на здравствени услуги од страна на специјалистичките служби, имаме позитивен финансиски извештај на институцијата и во 2015 година имаме 3,5 проценти зголемување на средствата во однос на сопствените приходи“, рече Баевска Вучковиќ.