„Од самиот почеток вашата единица постојано го оправдува своето име, претставувајки ја најелитната единица на Армијата на Република Македонија и со право претставува синоним за највисоки стремежи, највисоки стандарди и највисоки резултати“. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на денешната свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, по повод 1-Март, Денот на Полкот за специјални операции.
Во обраќањето на свеченоста, министерот Јолевски посочи на значењето кое оваа единица го има во денешните глобални предизвици при што професионалноста и посветеноста ќе биде клучна за натамошното јакнење на капацитетите на АРМ
Командантот на Полкот за специјални операции, полковник Орце Јордев, пред присутните меѓу кои и началникот на Генералштабот на АРМ, генералот Величковски и други генерали во АРМ, претставници од Кабинетот на Претседателот, одбранбените аташеи акредитирани во Република Македонија порача дека во ова време на предизвици интересите на единицата мора да бидат поважни од личните интереси со цел изведување на специјални операции за одбрана на Република Македонија.
Во рамки на програмата за одбележување на Денот на единицата, свеченоста заврши со свечено дефиле на единиците, по што се реализира методско-показна вежба „чистење на зграда“ каде припадниците на полкот ја покажаа својата обученост на комбинираната кула за извежбување, а потоа ги презентираа и боречките вештини со кои се препознатливи помеѓу останатите единици на АРМ. И покрај исклучитено високите критериуми на селекција за прием во единицата, на последните конкурси за прием на професионални војници кандидатите покажаа огромен интерес токму за оваа атрактивна единица.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на пСО е одреден 1 март, датум на кој за прв пат во Армијата на Република Македонија беше формирана Единица за Специјални Намени под името „Волци“, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во полк за Специјални Операции (пСО) во чиј состав влегуваат Баталјонот за специјални намени и Ренџерски баталјон.