Министерот за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски на конференција за медиумите информираше дека Управниот суд ги отфрли тужбите и времените мерки од дополнителниот заменик министер Диме Спасов како беспредметни.
„Добивме Решение од Управниот суд со кое тужбата и предлогот за времена мерка на дополнителниот заменик министер Диме Спасов против министерот за труд и социјална политика се отфрла како беспредметна. Станува збор за тужбата и Решението за времена мерка со кои Диме Спасов во својство на тужител ги спореше решенијата за разрешување на директор и именување на вршител на должност директор за ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп, донесени од страна на министерот во јануари оваа година”.
Ташевска-Ременски рече дека Управниот суд го потврдил тоа што таа со денови наназад го говорела дека дополнителниот заменик министер не ја испочитувал надлежноста на институциите утврдени и со Законот за Владата на Република Македонија.
„Управниот суд го потврди тоа што денови наназад го говоревме, а провладините медиуми и интернет портали се обидуваа да го прикријат и да ја дезинформираат јавноста. Судот утврдил дека, дополнителниот заменик министер пред да ја поднесе тужбата, можел, но, не се обратил до Државната изборна комисија, која согласно со Закон е единствениот надлежен орган што одлучува кои кадровски, финансиски и правни прашање се однесуваат на организација на изборите. Тоа е потврда дека, дополнителниот заменик министер не ја испочитувал надлежноста на институциите утврдени и со Законот за Владата на Република Македонија”.
Министерската за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски потенцираше дека ова Решение на Судот е аргумент против сите обвинувања дека работи незаконито.
„Ова Решение на Судот е аргумент против сите обвинувања, клевети и навреди за назаконско работење на министерот и аргумент против безпредметните обвинувања за непочитување на одлуки на Судот и смешните закани со кривична пријава. Ова решение истовремено е доказ дека во институциите на Република Македонија работат совесни професионалци со интегритет кои одлучуваат исклучиво по словото на законот”, рече Ташевска-Ременски на денешната конференција за медиумите.