Активностите за имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Република Македонија кои веќе седум години по ред ги спроведуваат Коалицијата на невладини младински организации „СЕГА“ и Младински Совет Охрид, продолжија и изминатиот месец.
Имено, децата правобранители имаа редовни средби со локалниот координатор и со педагошко – психолошките служби на своите училишта, на кои им беа предочени проблемите со кои се соочуваат учениците, начините за нивно решавање, креирање нови идеи и активности во рамките на самите образовни институции.
Дел од членовите на Ученичката Заедница при С.С.О.У „Свети Кирил и Методиј” заедно со претседателот Иво Ристески и со заменикот дете правобранител Ристе Костовски, организираа работилница посветена на животната средина, на која присутните ученици дискутираа за главнуте фактори на загадување на воздухот, водата и земјата. Исто така, тие подготвија и презентации на хамери, на кои одговараа на повеќе прашања на оваа тематика.
Во основното училиште „Братство Единство”, учениците заедно со наставничката по информатика, Лизана Зиба, подготвија работилница и презентација на тема „Хигиена во училиштето”, на која тие разговараа за инзаоѓање начини за подобрување на хигиенските услови во нивното училиште.
Исто така, на крајот на месецот дел од децата правобранители од двете училишта учествуваа и на редовната седница на Советот на Општина Охрид, каде што имаа можност да се запознаат процесот на донесување одлуки на општинско ниво. Предвидените активности, продолжуваат и во текот на овој месец.
Инаку, проектот за имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Република Македонија се спроведува под покровителство на Швајцарската Фондација Песталоци. Освен Охрид, со него се опфатени уште и Штип, Прилеп, Битола, Кавадарци, Куманово, Струга, Тетово, Гостивар и Дебар.