Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Театарот Комедија, во чиј објект во моментов функционираат Албанскиот и Турскиот театар и се сретна со директорите Јелена Жугиќ, Адем Карага и Атила Клинче.
„Во Македонија има голем број инвестиции во театарската уметност. Во моментов се градат нови театри. Почната е реконструкцијата на Албанскиот театар, а се гради Турскиот театар. По вселувањето на Македонскиот народен театар во новиот објект и по добивањето на овој простор на Театар Комедија, и овде се направија голем број реконструкции,“ рече Канческа-Милевска. Додаде дека со директорите разговарале за досегашната соработка и за нивното функционирање.
До крајот на годината ќе може да се стави во функција Албанскиот театар, а Турскиот театар до крајот на април ќе дојде до фаза затворена карабина.
Таа информира дека Годишната програма, која беше одобрена претходната година за сите три институции, целосно и успешно е реализирана. Имаше голем број меѓународни претставувања и настапи низ градовите на Македонија.
Министерката за култура соопшти дека разговарале и за набавка на превозно средство за сценографија, камион кој, како што рече, е доста значаен за сите театри за што поголемо учество на фестивали и гостувања низ Македонија.
Канческа-Милевска потсети дека се реализираат повеќе манифестации, како „Топол културен бран“, „Културно лето“, фествалот „Гола месечина“, што го реализира Театар Комедија во општина Аеродром се со цел да се дисперзира културата и проектите да бидат достапни до сите граѓани.
„Нешто што беше неопходно во Театар Комедија беше набавка на светлосна и тонска опрема. Во буџетот за оваа година се одобрени средства и веќе се подготвува тендерската документација за набавка на опремата,“ рече Канческа-Милевска.
За мерките „Слободен четврток“, наменет за студенти и „Средношколска среда“, кои се применуваат во Театар Комедија, во Албанскиот и Турскиот театар, Канческа-Милевска рече дека посетеноста е огромна.
„Од воведувањето, од лани досега над три илјади посетители ја имаат искористено оваа мерка,“ рече Канческа-Милевска и изрази задоволство што има голема посетеност од младата популација.
Директорката на Тетар Комедија Јелена Жугиќ информира дека овој месец ќе имаат две премиери. На 8 март е премиерата на урнебесната комедија „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, која ја реализираат од сопствени средства. На 27 март-Денот на театарската уметност и роденденот на Театар Комедија ќе биде премиерата на „Случките од Хармс“, во режија на Дино Мустафиќ. Во април ќе се подготвува „Трудна приказна“ по текст на Благица Секуловска, а од септември ќе го реализираат третиот проект.
Директорот на Турскиот театар Атила Клинче истакна дека на 11 март ќе имаат премиера на „Комедија на грешки“ по текст на Шекспир, а во режија на Коле Ангеловски. Премиерата ќе биде во Театар Комедија. Потоа ќе го подготвуваат следниот проект, на современ германски автор, во режија на Ивана Алексовска, а од есен и третиот проект -„Отело“ на Дејан Пројковски. На 12 март ќе патуваат за Турција, каде ќе учествуваат на Меѓународниот балкански фестивал со „Прометеј“ во режија на Дејан Пројковски. Клинче додаде дека се во преговори за Турција, за периодот од 10 до 20 мај да гостуваат во Трабзон и Анталија, а на есен планираат учество на фестивалот „Екс понто“ (Еx Ponto) во Љубљана и во Никшиќ.
Директорот на Албанскиот театар Адем Карага изрази надеж дека годинава ќе им биде успешна и додаде оти подготвуваат четири премиери за 2016.