Доделени сертификати за завршени школи од припадниците на АРМ

„Оваа свеченост е продукт на успешно воспоставената соработка и доказ дека тоа ги зближува државите и народите“, истакна заменик-министерот за одбрана Илми Селами, на денешното доделување на сертификати за завршена Школа за национална одбрана, Командно штабна академија и курсеви по грчки јазик во Република Грција во 2015 година на 6 припадници на Армијата на Република Македонија и вработени во Министерството.

На свеченоста во Министерсвото на која присуствуваше и Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, заменик-министерот истакна дека оваа соработка треба да се продлабочува во иднина, и тоа не само во областа на образованието, туку и во другите области поврзани со одбраната. Заменик-министерот Селами им честита на шестмината припадници на Армијата и вработени во Министерството, посочувајќи дека Министерството е гордо на нивниот успех кој се пресликува и во нивната работа.

Амбасадорот на Република Грција во Република Македонија, Харис Лалакос посочи дека воената соработка помеѓу двете земји е на највисоко ниво имајќи ја предвид севкупната соработка и порача дека истата ќе продолжи и во иднина.