Средба Заев – Хојт Брајан Ји

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со Хојт Брајан Ји, заменик помошникот на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент задолжен за Европа и Евроазија.

На средбата се зборуваше за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за имплементацијата на договорот од Пржино и обезбедувањето услови за слободни, фер и демократски избори.

Претседателот Заев ги пренесе очекувањата дека Државната изборна комисија ќе ги зголеми напорите за навремено и квалитетно прочистување на избирачкиот список, согласно законските рокови, за да се обезбеди кредибилен список.

„Реформите во медиумите се еден од клучните услови, директно поврзан со предизборниот и изборниот процес, за граѓаните слободно да ја изразат својата волја,“додаде Заев.

Заменик помошникот на државниот секретар, Хојт Брајан Ји, рече дека времето е кратко и дека е потребно брзо решение за реформи на медиумите.

Како што посочи Ји, за САД е клучно во Македонија да се завршат процесите за зајакнување на демократија и да се спроведат слободни, фер и демократски избори.

„САД, како и меѓународната заедница, одблиску ќе ги следат прочистувањето на избирачкиот список, реформите во медиумите, и целокупната атмосфера, за да се осигураат услови за слободно изјаснување на граѓаните на фер избори“ рече Ји.

Заменик помошникот државен секретар, Брајан Ји, рече дека е многу важно да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство и владеењето на правото.

Претседателот Заев рече дека СДСМ не ја коментира работата на Специјалното јавно обвинителство но ја поддржува.

Очекуваме и од сите политички чинители во општеството, особено партиите потписнички на Договорот од Пржино, да ја поддржат работата на оваа независна институција, во интерес на граѓаните и враќањето на правдата во Република Македонија“, додаде Заев.

Zaev_