Фудбалската федерација на Македонија на денешното редовно Генерално собрание донесе одлука за измени на системот на натпреварување во националниот шампионат кои ќе стапат на сила од сезоната 2017/18. Првата лига, од сезона 2017/18 ќе биде со 10 екипи, како и актуелниот натпреварувачки систем, со таа разлика што сега ќе има четири циклуси и 36 првенствени натпревари за секоја екипа.
Втората лига од сезоната 2017/18 ќе биде поделена во два региони (ИСТОК и ЗАПАД) со по 10 екипи и три циклуси (по 27 натпревари). Третата лига од сезоната 2017/18, место досегашните пет, ќе биде со шест региони (СЕВЕР, ЗАПАД, ЈУГОЗАПАД, ИСТОК, ЦЕНТРАЛЕН, ЈУГ).
Промените во системите за натпревари кај сениорите, ќе донесе и промени во системите кај младите категории. Прва супер лига ќе има во четири категории со по 10 екипи. Втора младинска лига во четири категории со по 10 екипи, и Трета младинска лига во седум категории.
Усвоен е едногласно стратешкиот план за периодот од 2016 до 2026 година.
„Стратешкиот план го изработивме во постојана соработка со ФИФА и УЕФА, со соодветните домашни спортски институции, со клубовите, стручните лица, новинарите… Тоа е план кој ни кажува каде сакаме да бидеме во прриодот пред нас. Нашите цели во стратегискиот план се поставување темелни вредности на фудбалот, подобрување на инфрастриктура, финансиски раст, меѓународни успеси и значително подобрување на резултатите во сите фудбалски генерации. За секоја од овие цели ќе бидат определени одговорни лица задолжени, со посебни тимови, за реализацијата и остварување на зацртаниот план“, изјави Филип Поповски, Генерален секретар на ФФМ.
Собранието едногласно го усвои извештајот на претседателот и Управниот одбор на ФФМ. Усвоени се и извештаите на правните органи на ФФМ и на независниот ревизор. Собранието едногласно ја усвои и завршната сметка за 2015 година, а го усвои и буџетот за 2016 година. Усвоена е и предлог одлуката за измени на правилникот за избори на ФФМ, како и измени во Дисциплинскиот правилник.
За нов член на УО на ФФМ е избран Џевад Дибрани од Струга.