Промоција на новите полициски службеници

„Како идни полициски службеници секогаш мора да го имате на ум значењето на униформата што ќе ја носите и вредноста на значката што ќе ја покажувате. Никогаш не заборавајте дека граѓаните преку вас и преку вашите постапки ќе ја оценуваат нашата држава. Затоа, професионалноста, стручноста и почитувањето на законот мора да ви бидат фундаменти врз кои што ќе се темели вашето секојдневно работење и извршување на работните задачи“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање пред генерацијата нови полициски службеници кои успешно ја завршија неколкумесечната обука во Центарот за обука на МВР во Идризово.

„Вие, денес станувате полициски службеници, во еден исклучително важен момент за опстанокот и развојот на нашето општество и држава. Ова е време во кое сите сме исправени пред историскиот предизвик основен приоритет да ни биде владеењето на правото“, потенцираше министерот Спасовски.

Притоа тој им порача на новите полициски службеници дека нивната одговорност ќе биде голема, и дека токму таа е најважната работа што треба да ја манифестира секој граѓанин на нашата земја доколку сакаме побрзо и побезболно да ја надминеме актуелната општествена криза и да се вратиме таму каде што секогаш сме припаѓале во модерниот демократски свет. 

„Верувам дека со начинот на кој ќе ги извршувате вашите работни задачи и со бескомпромисно почитување на законот и професионалните стандарди, ќе покажете дека вие сте таа генерација на полициски службеници која ќе одигра пресудна улога во реформирањето на Министерството за внатрешни работи“, истакна Спасовски нагласувајќи дека токму поради тоа тој се заложил сите кандидати што ја поминаа едногодишната обука да бидат промовирани во полициски службеници.

Инаку со денешната пригодна свеченост беа промовирани 434 нови полициски службеници кои по конкурсот на крајот на октомври 2014 година во Центарот во Идризово ја минаа едногодишната обука поделена во три образовни модули (сообраќај, јрм и гранични работи).