Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денес во рамките на работната посета на Република Хрватска оствари средба со својот хрватски колега, Јосип Булјевиќ. За време на средбата министерот Јолевски истакна дека Македонија ги исполни критериумите за членство во НАТО пред самитот во Букурешт во 2008 година и дека Македонија заслужува да стане дел од Алијансата. Двајцата министри се согласија дека интеграцијата на Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора е значајна за стабилноста и за просперитетот на регионот, но и Европа. На средбата стана збор и за заедничкото лобирање на земјите од А5 пред Самитот на НАТО во Варшава. Хрватска е силен поддржувач на Република Македонија и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина. Министерот Јолевски информираше за состојбите на јужната и северната граница, при што соговорниците се согласија дека координацијата, согласно шесте заклучоци од Бриселскиот самит, меѓу земјите на балканската рута е особено значајна. Хрватска дава целосна поддршка на Македонија и Армијата за ефикасно справување со кризната состојба на јужната граница.
Во текот на посетата на Република Хрватска министерот Јолевски оствари средба со Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар – Китаровиќ. За време на средбата Јолевски истакна дека Република Македонија цврсто стои зад своите врвни приоритети, а тоа се членството во НАТО и ЕУ, и дека интеграцијата на земјите од регионот ќе придонесе кон постабилна безбедносна ситуација на Балканот и пошироко во Европа.
Хрватската претседателка Китаровиќ изрази задоволство од нивото и интензитетот на соработката со Македонија и истакна дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот на ЕУ и НАТО. Беше истакнато дека Хрватска ќе продолжи силно да ги поддржува евроатлантските аспирации на Македонија. „Македонија со своите активности во справување со мигрантската криза покажа дека е земја која го заслужува членството во НАТО и е партнер на кој може да сметаат Европа и земјите од регионот“, истакна хрватската претседателка.
Министерот Јолевски информираше за активностите кои се планираат до самитот на НАТО.