Поднесени кривични пријави од Царинската управа во февруари 2016

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец февруари 2016 година, до надлежните јавни обвинителства поднесе 9 кривични пријави против 5 правни и 10 физички лица.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Две кривични пријави, до Основното јавно обвинителство во Скопје, се поднесени против две физички лица заради обиди за криумчарење на наркотички средства, од кои:

*Една кривична пријава е поднесена против турски државјанин, заради обид за криумчарење на хероин. Осомничениот, на 16.02.2016 година, допатувал на скопскиот аеродром Александар Велики, со лет од Истанбул, при што се упатил кон зелениот канал, каде поминуваат патници кои немаат што да пријават за царинска контрола. Царинските службеници го селектирале патникот за детална контрола, при што во неговиот куфер забележале дупло дно, во кое била сокриена проѕирна полиетиленска кеса наполнета со прашкаста материја со светло кафена боја. Пронајдената прашкаста материја е дадена на вештачење во Одделот за криминалистичка техника, при МВР, од каде е добиен наод дека преставува хероин со вкупна нето маса од 4,5 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка кој му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

*Една кривична пријава е поднесена против српски државјанин, заради обид за криумчарење на хашиш-масло и семки од марихуана. Осомничениот, на 14.02.2016 година, допатувал на скопскиот аеродром Александар Велики, со лет од Барселона, при што се упатил кон зелениот канал, каде поминуваат патници кои немаат што да пријават за царинска контрола. Сепак царинските службеници го селектирале патникот за детална контрола, при што во во несесер, сместен во неговиот ранец, биле пронајдени две црни мали стаклени шишенца (без никаква етикета на нив) наполнети со густа црна течност, затворени со плутани тапи и 10 семки со кафеава боја спакувани во мал кадифен хартиен плик. По направено вештачење во Одделот за криминалистичка техника, при МВР, добиен наод и мислење според кој течноста преставува хашиш масло, а 10-те семки потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род Cannabis. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка кој му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Четири кривични пријави се поднесени против 4 правни лица и 4 физички лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

*Две кривични пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство во Велес, од кои:

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Велес и неговото одговорно лице, македонски државјани, поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост. Пријавените, на 27.02.2016 година, во царинската испостава Скопје, пријавиле за увозно царинење разна стока од испраќач од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 142 ролни со вкупно 46.404 метри квадратни платно од синтетика со ознаки на заштитени трговски марки.

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Кавадарци и неговото одговорно лице, македонски државјани, поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост. Пријавените, на 24.12.2015 година, во царинската испостава Гевгелија, пријавиле за увозно царинење разна стока од испраќач од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 2.000 топчести лагери со ознаки на заштитена трговска марка.

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Струмица, е поднесена против правно лице од Струмица и неговото одговорно лице, македонски државјани, поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост. Пријавените, на 25.11.2015 година, во царинската испостава Скопје1, пријавиле за увозно царинење разна стока од испраќач од Турција. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 1.131 парчиња облека (детски комплети, тренерки, блузи, хеланки и панталони) со ознаки на заштитени трговски марки.

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје, е поднесена против правно лице од Скопје, и неговото одговорно лице, македонски државјанин, поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост. Пријавените, во текот на 2015 година, со три царински декларации, пријавиле за увозно царинење разна стока од ист испраќач од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 3.478 играчки и 96 детски сетови за шминкање со ознаки на заштитени трговски марки.

Во сите четири случаи, по увидот на стоката, застапниците на носителите на правата од интелектуална сопственост, ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврди од истите дека задржаната стока ги повредува нивните права од индустриска сопственост.

Криумчарење

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Куманово, е поднесена против 1 физичко лице, македонски државјанин, за обид за криумчарење на стока, со вкупна вредност од околу 206 илјади денари. Осомничениот, како патник во патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. во багажниот простор, сместен во црн ранец, бил пронајден еден дигитален фотоапарат марка „NIKON“ модел D750 комплет со полнач и еден објектив марка NIKON 24-70mmF2.8 GAF-S.

Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Куманово, е поднесена против едно физичко лице, македонски државјанин, за обид за нелегално внесување на пиротехнички средства во Република Македонија. На ден 03.01.2015 година, осомничениот, како возач на автобус со дански регистарски ознаки се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При извршена детална контрола на возилото, во две најлонски кеси сместени во делот на автобусот наменет за багаж, биле пронајдени 7 кутии огномети со вкупно 227 распрскувачки единици и 6 парчиња ракети.

Фалсификување исправа

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, е поднесена против две физички лица, македонски државјани, и едно правно лице со седиште во Скопје, заради приложување на фалсификувано уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба. Првопријавенот, на ден 14.12.2015 година, со товарно моторно возило, сопственост на пријавеното правно лице, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица, при што покрај останатите документи за стоката која ја превезувал, на царинските службеници им приложил и Уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба, што го издава ТИР -Комисија при надлежна Царинарница, а на првопријавениот му било дадено од страна на второпријавениот. При проверка на Уверението царинските службеници забележале дека истото е оверено со тркалезен печат со текст „Република Македонија Царинска управа Царинарница Скопје“, на кој има отпечаток од поранешниот грб на Република Македонија, кој е повлечен од употреба пред датумот кога било издадено уверението. По добиена наредба од Основното јавно обвинителство Гевгелија, било извршено вештачење од страна на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека сите печати кои се втиснати на истото не се оригинални.