Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Ренате Коблер, денес во Охрид се обратија на отварањето на тридневната регионалната обука „Прекугранично спроведување на законска регулатива за води и природни заштитени подрачја“, со фокус на заштитата на прекугранични заштитени подрачја во Македонија, Албанија и Косово.
Истакнувајќи дека на овие природни богатства им е потребна колективна и усогласена заштита од страна на надлежните национални органи, министерот Изаири додаде:
„Потребна е и заедничка платформа и соработка во намалување на влијанијата и притисоците кои со себе ги носи економскиот развој. Природните богатства не се само ресурси на кои им е потребна заштита, туку тие се и можност за национален и регионален развој, но врз строго почитување на принципите на одржлив развој.“
На работилницата, експерти од Австрија и Летонија ќе ги споделат нивните практични во подобрувањето на инспекцискиот надзор за заштита на природата во согласност со законодавството на ЕУ. Посебен акцент е ставен на соодветното спроведување на Директивата за заштита на птиците и живеалиштата, Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива флора и фауна, регулативата на ЕУ за трговија со дивиот свет, како и законодавството поврзано со водите.
Тродневната работилница е во рамки на проектот за вмрежување на надлежните органи од државите членки на неформалната Темис мрежа за остварување на меѓународна прекугранична соработка за спроведување на активности за заштита на природата во заштитените подрачја. Членки на оваа мрежа се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Молдавија и Србија.