Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против четири лица: П.Д. (49) од Кратово во својство на Претседател на Регулаторната комисија за енергетика на РМ и членовите С.Ј. (59) и Е.М.В. (49) од Скопје како и В.К. (62) од Битола кои постапувајќи спротивно на законските прописи сториле кривично дело – “злоупотреба на службена положба и овластување“ со што го оштетиле буџетот на РМ за износ од 8.056.293 денари.
Пријавените во текот на 2012 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и постапиле спротивно од Правилникот за плати, надоместоци на плати и други материјални права на вработените во Регулаторната комисија за енергетика на РМ и истите донеле Одлука за исплата на работна успешност за 2012 година со која се одобрува исплата на плата на сите вработени во износ од 100 % од нивната плата и при тоа на сите вработени биле исплатени плати во вкупен износ од 1.351.822 денари иако во правилникот за плати на РКЕ работната успешност на секој вработен се пресметува најмногу во износ зголемен или намален за 10 % од основната плата.
Исто така од страна на пријавениот П.Д. во период од 2009 до 2013 година спротивно на Законот за јавни набавки во постапката за привремени вработувања не е спроведена постапка за јавна набавка за услуги туку биле склучени директни договори за привремено вработување помеѓу Регулаторната комисија за енергетика и Агенцијата за привремени вработувања, при што неосновано биле исплатени 2.304.136 денари за исплата на плати и други надоместоци за две лица иако истите се вклучени и планирани во годишниот план за јавни набавки.
Во периодот од 2010 до 2012 година од страна на пријавените биле ангажирани лица од вработените во Регулаторната комисија во својство на експерти за изработка на стручни анализи, без спроведување на јавна набавка, за чија работа првопријавениот склучува договор за авторски дела со ангажираните лица, застапувани од Авторското правно биро на РМ и со одлуки донесени од него и од пријавените на ангажираните лица им бил исплатен надоместок за авторско дело иако според законот за авторско права и сродни права овие дела би можеле да бидат само авторски дела од работен однос и исплатата на паричните средства за ваквите трудови да биде како исплата за авторско дело од работен однос, а не истите да се исплаќаат преку Авторска агенција како авторско дело од договор за нарачка со што е извршена ненаменска и незаконска исплата на средства во износ од 4.400.335 денари за авторски дела на 14 вработени во Регулаторната комисија за енергетика на РМ.