Нов период во односите меѓу Македонија и Египет – претседателот Иванов во официјална посета на АР Египет

Бегалската криза, борбата против тероризмот и заживување на економската соработка беа теми на кои денеска разговараа претседателите на Република Македонија и на Арапска Република Египет, д-р Ѓорге Иванов и Абдел Фатах Ал Сиси во Каиро, каде што претседателот Иванов е во официјална посета – прва на македонски претседател на оваа северноафриканска земја во 20-те години дипломатски односи.

Тие по средбата во претседателската палата Тахадеа соопштија дека размениле информации за мигрантската криза која ги засега двете држави, зашто со неа се соочуваат и земјите од Северна Африка, а заклучиле и дека е неопходна соработка на безбедносните служби во борбата против тероризмот и придонес во мултилатералниот простор односно во меѓународните организации.

„Разговаравме за проблемите на кризата на Блискиот Исток, за важноста од обезбедување меѓународна поддршка за земјите кои прифаќаат бегалци и се согласивме за важноста за почитување на толеранцијата и спроведување на вредностите на дијалогот помеѓу културите“, рече египетскиот претседател Ал Сиси.

Претседателот Иванов ја нагласи важноста на Египет зошто, како што рече, земјата е лидер и гарант на стабилноста во регионот на Северна Африка. Бил информиран за бројот на бегалци кои ги има Египет и за начинот на кој се справува со нив, а разговарале и за улогата која Македонија ја има во справувањето со бегалската криза во европски контекст. Тема биле и заканите од тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам.

„Сакам да упатам честитка за решителната борба на Египет против тероризмот. Република Македонија како активен партнер во антитерористичката коалиција ќе продолжи да придонесува во меѓународната заедница со својата улога. Заклучивме дека е потребна заедничка соработка на ова поле преку безбедносните служби, зашто тоа е предизвик со кој се соочуваме и е наша реалност“, истакна претседателот Иванов.

Шефот на македонската држава искажа задоволство што го посетува Египет, а честа е уште поголема, како што рече, затоа што посетата е прва офцијална. Нејзината цел е да им се даде нов импулс на пријателските односи меѓу двете земји. А колку е Египет значаен за Македонија, рече претседателот Иванов, показател е и тоа што токму во престолнината Каиро е единствената амбасада на Република Македонија во Африка.

Египет и Македонија најавија и нов период во своите пријателски односи, како и поинтензивна соработка во областите за кои има потенцијали и тие биле идентификувани на денешната средба. Во таа насока е утрешниот бизнис-форум во Каиро, а основа за продлабочување на врските во економијата е и Договорот за соработка во земјоделството што беше потпшан денеска.

Претседателот Иванов очекува позитивна реакција на египетските стопанственици од утрешниот бизнис-форум на кој ќе бидат претставени поволностите што ги нуди Македонија.

„Македонија може да биде порта на Египет кон европскиот пазар“, додаде претседателот Иванов.

Македонскиот претседател го посети и Меморијалниот центар и положи цвеќе пред спомениците на незнаен борец и на третиот претседател на Египет – Анвар Садат. Го посети и Парламентот на Египет каде што имаше средба со неговиот претседател Али Абдел-Ал.

Во Египет претседателот Иванов е придружуван од неговата сопруга г-ѓа Маја Иванова, за која е организирана паралелна агенда со сопругата на египетскиот претседател, и тоа е првпат да има посебен дамски протокол во двегодишното владеење на Ал Сиси.

Инаку, Абдел Фатах Ал Сиси е шести претседател на Арапска Република Египет, кој на должноста стапи во јуни 2014 откако по масовни демонстрации во земјата од власт беше симнат исламистичкиот претседател Мохамед Морси. Ал Сиси е поранешен врховен командант на египетските вооружени сили.