Денес во Лима, Перу започна 4.Светски Конгрес на Биосферните резервати, еден од најголемите собири на светските стручни лица од областа на заштитата и одржливото управувањето на природното и културното наследство.
За првпат на еден ваков светски настан ќе биде преставен Прекуграничниот биосферен резерват Охрид/Преспа како уникатна вредност преку презентацијата на Дејан Пановски од МЖСПП. Пановски беше дел од заедничкиот македонско-албански тим кој ја изработи номинацијата и издејствува прогласување на Регионот Охрид/Преспа како 13ти Прекуграничен Биосферен резерват на УНЕСКО во светот во Јуни 2014 година.
Пановски на Светскиот Конгрес ќе ги презентира вредностите на регионот Охрид/Преспа, работните планови за управување со Биосферниот резерват, а ќе учествува во сесиите за идно управување со Биосферните резервати како и во дебатата околу Лимската декларација и Акциониот план.
„Светско наследство како што е регионот Охрид/Преспа мора да се штити и унапредува на светско ниво. Тоа бара многу работа затоа што екологизмот е менаџирање, не само емоција. Пред речиси две години донесовме историска додадена вредност на регионот преку статусот Биосферен резерват на УНЕСКО, сега е време да се увидат светските искуства како од вакво уникатно подрачје да се создаде врвна дестинација со одржливи еколошки и економски придобивки. На нас самите е да одлучиме што сакаме “- вели Пановски.
Светскиот Конгрес на Биосферни резервати е во организација на МАБ програмата на УНЕСКО и Министерството за животна средина на Перу и се одржува под мотото Биосферните резервати во функција на одржливиот развој. Главната цел на Конгресот е да се зацрта акционен план за развивање на Биосферните резервати во периодот 2016-2025 година. Учеството на Конгресот е обезбедено од страна на регионалното биро на УНЕСКО.