Просветните работници од охридските училишта, менаџерски тимови и наставничкиот персонал денеска во охридската Гимназија го проследеа интересното предавање на проф. д-р Константин Петковски. Како дел од тимот на Друштво за консалтинг и услуги од Битола, Петковски реализирал бројни обуки на актуелни теми за воспитно образовните организации.
Како да се мотивираат вработените ако се знае дека надворешните награди како плата, еквивалент за оцена кај ученикот, имаат многу краток ефект? Поттикнувањето на внатрешната мотивација е далеку поефективно, но и позахтевно ако се знае дека тоа е различно за секоја личност и бара индивидуализиран пристап.
Покрај тоа, беа презентирани и статистички податоци од различни земји кои покажуваат дека само мал дел од вработените во компаниите вистински се ангажира, најмногу 20 %, додека останатите остануваат пасивни. Беше истакната важноста на постоењето позитивната клима на работното место, како фактор на поврзувањето со колективот и тимската работа на стручните активи.
Се нагласи разликата помеѓу формалното и суштинското, титулата менаџер која е само збор доколку зад неа не стои вистински авторитет.
Заклучно, беше констатирано дека менаџирањето на колективи составени од персонал од различни генерациски групи, со различни карактеристики, особини и стилови на однесување условени од општествено политичките, како и економските услови кои ги оформиле, бара комплексен пристап и е предизвик кој постојано треба да се надминува.