Лидингтон: Ако сите се конструктивни, можни се избори на 5 јуни

Избори на 5 јуни се можни и тие ќе бидат можност за залекување на раните предизвикани од долготрајната политичка криза во државата, која ја задржува земјата во интерграцијата во НАТО и во Европска унија, смета британскиот државен министер за Европа, Дејвид Лидингтон.

„Изборите со кредибилитет се можни на 5 јуни, но за тоа да се случи неопходно е сите да дадат свој придонес односно да ги стават настрана интересите на политичката партија или личните интереси и да работат во насока на реализација на промените за кои сите се согласиле со Договорот од Пржино “– вели Лидингтон.

Според него, меѓународната заедница не може да ја реши политичката криза за Македонија, туку тоа треба да го направат политичките лидери и македонските граѓани.

„Она што ние може да го направиме е да следиме што се случува и да процениме колку е реализиран Договорот од Пржино во однос на резултатите. Ние не можеме да управуваме со Македонија како еден вид меѓународен протекторат. Меѓународната заедница ќе направи проценка за напредокот што е постигнат во однос на заложбите преземени со договорот од Пржино“ – рече Лидингтон.

Според него, ДИК треба да ги реализира задачите без политичко мешање, а водењето и ажурирањето на Избирачкиот список е огромен и тежок предизвик.

Британскиот државен министер за Европа се надева дека новата Влада ќе успее да направи чекор напред не само во однос на програмата за внатрешни реформи, туку и во разговорите со Грција за решавањето на прашањето за името.

Извор: meta.mk