Македонија првпат на Меѓународниот саем на книгата во Париз

Македонското книжевно творештво годинава ќе биде претставено на три саемски манифестации – на Саемот на книгата во Франкфурт, на Саемот на книгата во Истанбул и првпат на Меѓународниот саем на книгата во Париз, кој од 17 до 19 март ќе се одржува во Салонот на книгата во оваа метропола. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

На Саемот на книгата во Париз учествуваат повеќе од 1 200 издавачи, претставници на 50 држави од Европа и од светот и над 4 500 автори. Саемот е едно од најзначајните средишта за претставување на издавачката индустрија од целиот свет.

„Присуството на Република Македонија на оваа манифестација, која има веќе 35-годишна традиција, е од исклучителна важност за презентација и промоција на македонската литература, македонските автори и издавачи во меѓународни рамки. Последните години сме сведоци на една поинтензивна промоција на делата на македонските автори на француски јазик. Токму преку конкурсот за странските издавачи, неодамна на француски јазик е преведен романот „Вештица“ од Венко Андоновски, како и одбраните драми од Јордан Плевнеш -“ рече Канческа-Милевска.

На Меѓународниот саем на книгата во Париз, на македонскиот штанд, преку комесарите – издавачките куќи „Три“, „Арс ламина“ и „Култура“, ќе бидат претставени над 400 вредни книги од македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија, кои го презентираат нашето богато културно наследство, македонската традиција, историја, уметност, култура и туристичките потенцијали.

„Пред посетителите ќе бидат претставени и капиталната едиција „Превод на 135 тома македонска книжевност на англиски јазик“ и Антологијата на македонската книжевност во шест тома, објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“. Во фокусот на целото претставување ќе биде македонското творештво“ – рече Канческа-Милевска.

На македонскиот ден, 18 март, пред публиката во Париз ќе биде организирана трибина „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“. На трибината ќе присуствуваат авторите Луан Старова, Јордан Плевнеш, Владимир Мартиновски и професорот на Универзитетот Сорбона Фабрис Д’алмеида. Ќе има и претставници на реномирани книжевни институции, како Интернационалниот поетски фестивал „Пролет на поетите“, кој секоја година се одржува во Париз, поетското биенале на Франција, познати француски поети, издавачи, новинари, претставници од францускиот ПЕН-центар. На 18 март ќе се одржи и поетско читање „Македонија, светски центар на поезијата“ на кое ќе учествуваат Владимир Мартиновски, Никола Маџиров и автори од Република Франција.

Во насока на покомлексно претставување на македонската литература подготвен е и еден обемен каталог „Средби на писмата/ културите“, во кој на француски јазик се прикажани македонските книжевни вредности. Каталогот, чии уредници се проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и проф. д-р Владимир Мартиновски, е конципиран и замислен како место на средби меѓу различни книжевни писма, поетики и пристапи на автори во сферата на прозното, поетското и драмското творештво“ – рече Канческа-Милевска.

Во него, како што рече, се застапени некои од најзначајните современи македонски раскажувачи, македонски поети, а последниот дел од каталогот е посветен на драмското творештво на Република Македонија, со селекција на сегменти од авторските дела на еминентните македонски драматурзи.

„Претставувањето на нашата држава на овие саеми на книгата ќе има големи придобивки во контекст на промоцијата на македонската литература и издаваштво во странство. Издавачката и литературната дејност, како и досега и во иднина ќе бидат врвен приоритет на Министерството за култура бидејќи само на овој начин ќе ги постигнеме посакуваните ефекти, да го збогатиме целокупниот книжевен амбиент кај нас и да обезбедиме уште поголемо присуство и видливост на македонските автори во светот“ – рече Канческа-Милевска.

Бојан Саздов, главен уредник на издавачката куќа „Три“ информираше дека минатите години повеќе македонски автори добија свои француски изданија, меѓу кои Луан Старова, со седум изданија, Гоце Смилевски, Венко Андоновски, Владимир Мартиновски, Влада Урошевиќ…

Тој додаде дека во Каталогот се застапени 32 автори, со биографии и кратко претставување на своето творештво. Според него, Каталогот е наменски и ќе помогне во комуникацијата со издавачките куќи, со агентите и со сите заинтересирани посетители на Саемот.

Дарко Фидановски, косопственик на издавачката куќа „Арс ламина“, истакна дека на Саемот ќе дистрибуираат и листа на македонски издавачи со нивни најзначајни изданија кои би се понудиле за превод на француски јазик.

„Ќе го понудиме и она што не е преведено во моментов на француски јазик, со мали извадоци од содржината на тие дела. Нашата издавачка куќа ќе се претстави со повеќе комерцијални детски производи, а од другите издавачки куќи ќе има доста нова белетристика“ – рече Фидановски.

Тој додаде дека првпат ќе бидеме претставени како Македонска асоцијација на издавачи, ново здружување на издавачите во Република Македонија, кое, како што рече, ќе придонесе за многу поактивна промоција на македонското издаваштво во светот и здружување со сите други издавачки асоцијации низ светот.

05A_saem_pariz