Министерството за образование и наука потсетува дека утре, 18 март, е последен ден за пријавување за патување за најдобрите студенти од првите три најдобро рангирани високообразовни установи во Република Македонија, рангирани согласно со Законот за високото образование.
Квалификувани да аплицираат се студентите од првите три најдобри рангирани универзитети, а во моментов тоа се Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа. Останати услови кои треба да ги исполнат студентите се: да немаат повторувано година, да имаат просек над 9,5 и да го имаат положено последниот испит од студиите најдоцна во јануарската испитна сесија годинава, не подоцна од 15 февруари, а сè уште да ја немаат одбрането дипломската работа, односно да го немаат подигнато уверението за завршено високо образование, доколку на нивниот факултет не е предвидено бранење на дипломски труд.
„Ги охрабруваме сите студенти кои што ги исполнуваат условите, најдоцна до утре, до Министерството за образование да достават пополнета пријава и да ја искористат можноста за патување во Париз, Барселона или Венеција со целосно покриени трошоци за сместување, за храна и за авионски превоз.“- информираат од МОН.
Јавниот повик со сите дополнителни информации е достапен на интернет страницата на Министерството за образование и наука, www.mon.gov.mk.