Студенти од Факултетот за безбедност во посета на МВР

„Образовниот процес, без дилема, е најважниот стадиум во академското профилирање на младите луѓе. Оттаму инсистирањето на квалитет во тој процес е логична нужност доколку сакаме институционална функционалност, ефикасност и одговорност“.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред студенти од Факултетот за безбедност коишто денеска во МВР, во рамки на нивната образовна програма, присуствува на презентации подготвени од страна на претставници на министерството, а посветени на организационата и нормативна поставеност и функции на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање.

Потенцирајќи ја целосната отвореност на МВР за подлабока соработка со Факултетот за безбедност, министерот Спасовски нагласи дека тоа е во заеднички интерес – “пред се во име на заедничките цели што ги споделуваме – високи образовни и едукативни стандарди следствено на современите трендови во областа на безбедноста“.

„Ниту една институција не може да функционира успешно без следење и практично имплементирање на нови научно-истражувачки сознанија, без континуирана образовна надградба на луѓето кои ја сочинуваат институцијата и без реална кооперативност меѓу теоријата и практиката“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека при вработувањата во МВР во иднина приоритет ќе имаат дипломираните студенти од Факултетот за безбедност затоа што министерството има потреба од кадри со соодветно образование.

По опсежните презентации за двете базични организациони единици на МВР, БЈБ и УБК, студентите имаа можност преку дискусијата на посочените теми дополнително да ги прошират своите знаења околу низа прашања од делокругот на работа на двете организациони единици.