СВР Битола поднесе кривична пријава против О.Н.(45) од Струга управител на ТД „Еуро Мебел 2011“ ДООЕЛ Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ и против ТД „Еуро Мебел 2011“ ДООЕЛ Струга заедно со прво пријавениот поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правата од работен однос“ и „повреда на правото од социјално осигурување“.
О.Н. на 15.11.2015 година, без дадено овластување од страна на А.М. управител на правното лице „Еуро Мебел Лаб“ од Струга склучил договор во име на „Еуро Мебел Лаб“ употребувајќи го печатот од правното лице „Еуро Мебел 2011“ и на истото своерачно се потпишал, а истиот договор бил без деловоден број од правното лице и незаверен на нотар. Понатаму, прво пријавениот како одговорно лице во второ пријавеното правно лице при извршен инспекциски надзор од страна на Трудовата инспекција на градежен објект, било утврдено дека не се придржувал кон Законот за работни односи односно на одредбите кои се однесуваат на договорот за вработување, работното време, годишниот одмор како и здравственото осигурување, со што на двајца работници од објектот им ги одзеле, а на тројца затекнати работници им ги ограничиле горенаведените права.