Охрид достојно ќе ги одбележи 1 100 години од упокојувањето на Св.Климент Охридски

На покана на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вчера во Скопје присуствуваше на конститутивната седница на Одборот за одбележување на 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.

На средбата со која преседаваше претседателот на државава, покрај градоначалникот Бакрачески присуствуваа и заменик-министерот за образование, претседателот и претставници на МАНУ, ректорот на универзитетот „Св.Климент Охридски” – Битола, директорот на НУБ „Св.Климент Охридски” – Скопје и други претставници на државни институции.

На кординативниот работен состанок на институциите-носители и организации се разгледаа предлог-активностите и културните настани кои ќе бидат посветени на животот и делото на големиот македонски просветител Климент Охридски. На средбата беше утврдена програма за чествување на овој значаен јубилеј, која содржи бројни научни собири, ликовни изложби, културни манифестации и симпозиуми.

Општина Охрид како што на средбата рече градоначалникот Бакрачески, максимално во рамки на своите можности ќе ги помогне сите манифестации од обемната програма кои се планирани да се одржат во Охрид. Меѓу нив, секако една од најзначајните е програмската содржина која што ја подготвува МАНУ планирана за 9 август на која ќе бидат поканети да присуствуваат и учество да земат претседателите на академиите од сите словенски држави.

Одбележувањето на 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски е вклучено во Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2016 година. Носители на одбележувањето се претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола.

sredba_ivanov_bakraceski_400