Кривични пријави за физички и правни лица за бесправна градба

Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против четири лица И.Н.(50) во својство на инвеститор, сопственик и управител на правно лице „ГРОТЕКС ГРАДБА“ ДОО од Скопје, Ќ.М.(51) од Тетово во својство на изведувач и сопственик и управител на правно лице „МАТОШИ БАУ“ ДООЕЛ од Тетово, М.М.(60) во својство на инвеститор, Д.З.(69) во својство на надзорен орган како и против двете правни лица Друштво за градежништво и услуги „ГРОТЕКС ГРАДБА“ ДОО експорт-импорт Скопје и Друштво за производство, градежништво, трговија и услуги „МАТОШИ БАУ ДООЕЛ“ експорт-импорт од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба“ .

Пријавените без склучен договор во име на правно лице за вршење надзор на објект и правните лица „ГРОТЕКС ГРАДБА“ ДОО и „МАТОШИ БАУ“ ДООЕЛ постапувајки по претходен договор, во октомври минатата година, без да им биде издадено Одобрение за градба од надлежен орган, започнале со градба на објект со намена за деловен простор и домување од втора категорија, лоциран на бул. “8-ми Септември“ поставен на катастарска парцела за катастарска општина „Карпош“, кој заклучно со февруари годинава е изведен во фаза карабина.

Од страна на И.Н. и М.М. во својство на инвеститори пред започнување со градежните активности, на 13.07.2015 година до Општина Карпош-Скопје поднеле Барање за одобрување на идеен проект и по однос на истото им била издадена Потврда со кој се потврдува заверката на идејниот проект, изработен од правно лице од Скопје. Истовремено од нивна страна доставено е барање за одобрение за подготвителни работи и организација на градилиште по кое барање Општина Карпош донела заклучок со кој се прекинала постапката за издавање на одобрението за подготвиелни работи, поради констатирани недостатоци по однос на градилиштето и истите биле задолжени во предвидениот рок од 15 дена да ги отстранат предметните недостатоци. Бидејќи во предвидениот рок не биле отстранети недостатоците, од страна на Општина Карпош било донесено Решение со кое во целост било одбиено барањето за издавање на Одобрение за подготвителни работи, кое било доставено.

Врз основа на одобрениот идеен проект и поднесеното барање за издавање на Одобрение за подготвителни работи на градилиште, И.Н. и М.М., на сметка на Општина Карпош прво авансно уплатиле надоместок за комуналии за градба во износ од 6.000.000 денари, а потоа авансно уплатиле надоместок за комуналии за градба во износ од 3.000.000 денари, иако се’ уште немале поднесено официјално барање за издавање на Одобрение за градење.

Пријавените и покрај ваквите факти, склучиле Договор со правното лице МАТОШИ БАУ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, претставувано од сопственикот и управител Ќ.М., притоа договарајќи се со Д.З. да биде надзорен орган на идната градба без притоа да врши надзор како вработено лице во правно лице овластено за вршење надзор по што 01.10.2016 година, согласно градежната книга за предметниот објект, започнале бесправна градба на истиот.

Со намера да обезбедат Одобрение за градба од Општина Карпош, И.Н. и М.М. во својство на инвеститори, поднеле барање за одобрение за реконструкција, доградба и надградба на предметниот објект, приложувајќи кон истото документацијата за градба, во кое барање е донесен Заклучок од страна на Општина Карпош со кое се прекинува постапката во рок од 15 дена, заради повторно констатирани недостатоци за самата градба.
По отстранувањето на недостатоците, а со цел да им биде издадено Одобрение за градење, техничката документација која била во согласност со основниот проект, ДУП, како и добиените согласностите од сите релевантни институции биле доставени до Град Скопје и врз нивна основа, Град Скопје извршил пресметка на надоместокот за комуналии и тоа 13.706.098 денари за Град Скопје и 9.204.064 денари за Општина Карпош, кои инвеститорот на 25.12.2015 година во целост ги уплатил, за што од страна на Град Скопје им била издадена Потврда, за истата да им послужи за издавање на Одобрение од страна на Општина Карпош, но и покрај тоа одобрение не им било издадено.

И покрај ваквиот факт, пријавените физички и правни лица, продолжиле со градежни активности на бесправниот објект, при што заклучно со 29.02.2016 година извеле градба во фаза карабина составена од приземје, пет спратови и потпокривен простор.