Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски заедно со претставници од фудбалскиот клуб од с. Белчишта, денеска го означија почетокот на градежните активности околу Реконструкција и санација на фудбалското игралиште за голем фудбал во с.Белчишта. Градоначалникот информираше дека во рамките на овој проект ќе се изврши оградување со жичана ограда на фудбалското игралиште, изведба на дренажа по должината на игралиштето за негово одводнување, изградба на кабини за резервни играчи и реконструкција и санација на објектот со соблекувални и простории за судии и делагати.
Фудбалското игралиште во Белчишта ќе биде на располагање на сите жители за спортување, рекреирање и за натпреварување, воедно игралиштето ќе биде место за собирање и дружење на младите и постари генерации.
„Искрено се надевам дека токму од ова фудбалско игралиште ќе произлезат новите фудбалски ѕвезди од типот на Данчо Целески, за чии успеси ќе се гордеат не само дебрчани, туку и цела Македонија” потенцираше Градоначалникот Трајкоски на поставувањето на камен-темелникот.
Вкупната инвестициона вредност на овој проект е 1.665.000,0 денари без пресметан ДДВ, обезбедени од буџетот на Општина Дебрца.