Потпретседателка на СДСМ и министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски, денес во изјава за медиумите истакна:
„Овие луѓе што се денеска собрани тука, меѓутоа и сите оние коишто не излегоа денеска на собирот на граѓани во Кичево, се согласни во едно, мора да се стави карај на штетните политики на Никола Груевски коишто изминативе десет години ги опустоши сите општини во Република Македонија.
Овие градови низ коишто одиме, меѓукоишто е и Кичево, немаат млади луѓе затоа што младите не се во Кичево, затоа што младите заминуваат не само од Кичево, туку заминуваат и од Република Македонија.
Ние ќе го дадеме решението за враќањето на младите луѓе со тоа што ќе го симнеме од власт Никола Груевски. За да обезбедиме економски услови за коишто сите млади луѓе ќе останат да ја бараат својата среќа и иднина во Македонија, а не да ни бегаат од државата.
Треба Груевски да одговори и на следново прашање. Како ќе го објасни на македонската јавност фактот, што од ден на ден во МВР пристигнуваат барања за отпишувања од државјанство на граѓани на Република Македонија, имаме податок дека од 2 до 4 барања дневно се процесуираат во Министерството за труд и социјална политика и во МВР, по однос на отпис од државјанство.
Ако ја погледнете минатогодишната усвоена демографска стратегија или миграциона стратегија на Владата на Република Македонија ќе забележите бројка од 6.941 лице коишто во рок од две години побарале да бидат отпишани од македонско државјанство.
Тоа е уште еден податок плус за ова што го говориме изминативе години, дека Груевски е штетен за младината на Република Македонија, Груевски е штетен за граѓаните на Република Македонија, Груевски е штетен за Република Македонија.
Затоа што ја осиромаши, ја направи да биде на рангот на земји со процент на мизерија, ги исели младите, а сега на крајот кога треба да плати за тие штетни политики не сака да се соочи на фер и регуларни избори.
Сите оние негови измислени гласачи не сака да бидат проверени на терен, затоа што тие, години наназад, му ја обезбедувале победата. Меѓутоа, СДСМ е исправен пред принципиелната битка за вистината и правдата во Македонија и ние во таа цел ќе успееме.
Посветени сме на таа цел и нема да отстапиме ни милиметар од нашите барања за регулирање на медиумскиот простор и за целосно прочистување на избирачкиот список со теренска проверка.
Само во такви услови Република Македонија ќе се ослободи од изборните манипулации коишто ги правела оваа власт со години. Како и од сите лаги и невистини коишто им ги сервира на граѓаните преку скапо платени, милионски медиумски пропаганди, преку коишто секој ден го лажат и го доведуваат во заблуда овој народ, дека живее како што не живее, и дека го има, тоа што го нема.“– истакна Ременски.