Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски оствари средба со Анжелина Тотева началник на политичкиот кабинет на премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов во присуство на Н.Е Иван Петков, амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, и на Рајчо Жељазков советник за економски прашања во амбасадата на Република Бугарија во Македонија при што ја прими донацијата во хуманитарна помош од Бугарија наменета за мигрантите кај Табановце.
Министерката Ташевска-Ременски срдечно се зблагодари за донацијата која е на иницијатива на бугарскиот премиер Бојко Борисов, а е во соработка со бугарскиот Црвен крст и бугарски компании кои доброволно обезбедиле прехранбени продукти и минерална вода. Притоа таа потенцираше дека секоја помош е добредојдена и дека примерот на Република Бугарија треба да го следат и другите.
Анжелина Тотева началникот на политичкиот кабинет на премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов потенцираше дека нивната Влада внимателно ја следи состојбата со мигрантите во нашата земја и во случај на неопходност Софија ќе продолжи да помага според можностите.
Амбасадорот Иван Петков рече дека испраќањето на оваа хуманитарна помош е израз на солидарноста на премиерот Борисов и на бугарската држава кон немоќните луѓе.
Министерството за труд и социјална политика добиената донација ќе ја предаде на Црвениот крст на Република Македонија кој ќе ја менаџира дистрибуцијата на терен.