Обвинетите во „Ќелија“ што ја признаа вината, осудени на вкупно 32 години затвор

Шестмина обвинети во случајот „Ќелија“ се осудени на вкупно 32 години и 6 месеци затвор, откако ја признаа вината за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

„Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1, достави предлог-спогодби за шест лица опфатени со обвинителниот акт за случајот познат како „Ќелија“, осомничени за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација од член 322-а од Кривичниот закон. Откако на седницата одржана на 11 март 2016 година осомничените со наведениот обвинителен акт изразија подготвеност да ја признаат вината и да се спогодат со Обвинителството и побараа дополнително време за да ги разгледаат доказите во предметот, што им беше овозможено од Советот за оценка на обвинителен акт, до судот, денеска, беа доставени предлог-спогодбите меѓу обвинителот и осомничените, за кои на јавна седница на советот осомничените се произнесоа дека доброволно, свесни за правните последици и неприсилени од никого, ги признаваат делата што им се ставаат на товар, за што судот донесе пресуда врз основа на предлог-спогодбата“, стои во соопштението на судот.

Највисока казна од седум години затвор судот му одреди на оџата Реџеп Мемиши. Еден од обвинетите што ја признаа вината, доби пет и пол години затвор, додека другите четворица добија затворски казни од пет години секој.

Советот за оцена на обвинителниот акт на судот денеска расправа за обвинението и за приговорите на адвокатите на другите петмина обвинети што не ја признаваат вината за истото кривично дело, односно дека индоктринирале и регрутирале македонски државјани за учество во борбите во воените жаришта на Блискиот Исток.

Акцијата „Ќелија“ беше спроведена од Министерството за внатрешни работи во август минатата година.

Извор:meta.mk