Вниманието на Русите насочено кон македонската туристичка понуда

На саемот за туризам во Москва, Руска Федерација (Mitt, 23-26 Март 2016 година) Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) и оваа година традиционално го промовира туристичкиот потенцијал на земјава.

Со волонтерска поддршка од македонски студенти во Русија, штандот на Македонија привлече големо внимание со промоцијата на религиозниот, културниот, кулинарскиот и винскиот туризам, но атракција беа и послуженото вино, сирење и ајвар. За време на саемот, македонското вино побуди голем интерес со што се разменија контакти и линкови со експерти од различни области кои го посетија нашиот штанд.

Директорката на АППТ, Лела Крстевска, во соработка со македонската амбасада во Руската федерација и економскиот промотор во Москва, оствари средба со заменик раководителот на Федералната агенција за туризам, г-дин Сергеј Евгениевич Корнеев. На оваа средба беа договорени активностите кои заеднички ќе се преземат за подобра промоција на македонскиот туризам и инвестицискиот потенцијал на земјава.

На саемот за туризам во Москва, беше остварена средба со еден од поголемите европски тур-оператори којшто е присутен на рускиот пазар и извршени се првични разговори за воведување на чартер линија за олеснување на туристичкиот промет.

Остварена е средба и со претседателот на АТОР ( Асоцијација за тур-оператори на Русија) каде се дискутираше за можна соработка и промоција на македонскиот туризам кај членките од асоцијацијата.

Штандот беше посетен од многу тур-оператори и туристички агенции кои пројавија интерес за Македонија, а евидентно го зголеми интересот кај руската публика и репортажата за Македонија, која се емитува на руската национална телевизија на најпопуларната.