Во рамки на Фестивалот за филм вчера на Тракискиот универзитет во Едрене се одржа панел дискусија на која говореа државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија Бехиџудин Шехапи, директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓорѓоска-Илиевска, директорот на Институтот за културно и духовно наследствона албанците во Македонија, Скендер Асани и Алев Парса, педагог и експерт на турскиот филм и музикологија.
Државниот секретар Шехапи на панел дискусија го образложи значењето на градот Едрене, кој е познат како град – порта на Европа.
„Едрене во светот е познат како втор главен град после Бурса. Исто така, градот е познат во албанските и македонските песни, каде се спомнува ремек делото на познатиот турски архитект, Мимар Синан, џамијата Селимие, ремек дело кое се смета како врв на неговото творештво, кое што е споредено со Микеланџело и неговите дела создадени за време на Ренесансата“, истакна Шехапи.
Директорката на Агенцијата за филм, Ѓорѓоска-Илиевска на панел дискусијата се заблагодари за можноста која и е дадена на Македонија за да ја претстави својата култура во Турција преку филмографијата на браќата Манаки. Таа истакна дека браќата Манаки, уште во 1905 година, со нивната прва камера, ја снимиле првата фотографија во движење и ја снимиле посетата на Мехмет Решат III во тогашна Македонија.
Ѓорѓоска-Илиевска, меѓу другото, зборуваше и за почетоците на македонската кинематографија, за првиот долгометражен филм „Фросина“, кој е снимен во 1952 година.
Посочи на фактот дека ова не е првата презентација на македонската култура во Турција, со оглед на тоа дека ваков настан се одржа пред неколку години во Анталија и Бурса.
„Културолошките врски меѓу Македонија и Турција постојат од почетоците на филмот и траат до ден денес“, истакна директорката на Агенцијата за филм, Ѓорѓоска-Илиевска.
Во рамките на фестивалот вчера беше претставен и документарниот филм на Елизабета Конеска, „Македонците во Истанбул“.