Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и апостолски егзарх, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
„Почитуван д-р Стојанов,
Ми претставува особено задоволство, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам христијанскиот празник – Велигден.
Празнувајќи го големиот празник – Велигден, ја славиме победата над смртта и триумфот на љубовта и надежта. Христовата жртва е завет за генерациите кои ја продолжуваат пораката за соживот и слога, за разбирање и мир. Христовото воскресение нè учи дека вербата и надежта нè прават човечни. Затоа, да останеме и понатаму обединети во духот на промовирањето на вистинските вредности кои ќе придонесат во зацврстувањето на меѓусебната доверба и почит, како основа за просперитетна иднина на нашата земја.
Со овие мисли, почитуван Бискуп скопски и апостолски егзарх, дозволете ми уште еднаш, Вам и на сите верници да Ви посакам велигденските денови да ги поминете во духовен мир, радост и благосостојба.
Нека е за многу години големиот христијански празник!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!“- стои во честитката.