Името Македонија причина за кавга меѓу власта и опозицијата во Грција

Ставот на грчкиот пратеник, Макис Балаурас дека не би имал проблем нашата држава да се вика и само Македонија, без географска одредница, го продлабочи јазот меѓу владата и опозицијата и ѝ даде дополнителен аргумент на Нова демократија за напад на СИРИЗА. Од десничарската партија пратија директно барање до премиерот Алексис Ципрас да го објасни официјалниот став на владата околу спорот за името.

Одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, пратеникот Јанис Кефалојанис упати директно барање и прашање до Ципрас да објасни која е официјалната позиција на грчката влада и што е прифатливо за неа како решение за спорот за името.

Според Кефалојанис, ставовите како оној на Балаурас само ја поттикнуваат непопустливоста на македонската влада и ѝ дава нова муниција и поддршка за, како што изјави, историски неточната идеологија за македонизмот. Потенцираше дека ваквите изјави само ја поткопуваат грчката позиција и ѝ прават штета на државата.

Остра реакција упати и пратеникот на ПАСОК, Андреас Ловердос поставувајќи ја дилемата дали се работи навистина само за лични ставови на одредени лица од СИРИЗА или, пак, за промена на државната стратегија за името.

„Дали се ова само лични ставови, кои, кој стигне ги искажува без трошка одговорност? Или, пак, не подготвуваат за промена на националната стратегија“ – посочи Ловердос.

Од кабинетот на Ципрас се уште нема официјална изјава за ова прашање кое и создава дополнителна главоболка на грчката влада по ситуацијата со министерот за миграција, Јанис Музалас кој исто така Македонија ја нарече со уставното име во телевизиско интервју.

Извори од кабинетот на премиерот, за медиумите потенцираат дека позицијата на грчката влада е јасна и позната, односно сложено име со географска одредница ерга омнес, што е на иста бранова должина со црвената линија на претходните влади на Нова демократија и ПАСОК и е став кој изминатите две-три години премиерот Ципрас отворено го има посочено во повеќе случаи. Со повторувањето на овој став, кабинетот на Ципрас во суштина се оградува од изјавите на Балаурас.

Балаурас вчера во интервју за грчкото радио „Параполитика“ истакна дека го поддржува ставот за компромисно решение со географска одредница, но забележа дека тој лично не би имал против да се викаме и Македонија, потенцирајќи индиректно сепак дека македонската влада треба да се откаже од некои иредентистички тенденции.

Извор: meta.mk