Министерството за образование и наука информира дека утре ќе биде објавен Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2016/2017 година.
Согласно Конкурсот, предвидени се вкупно 2.550 слободни места, и тоа: во ученичкиот дом „Мирка Гинова” во Битола, вкупно за 273 ученици; „Лазар Лазаревски”, Велес – 221, во „Бранко Станоевиќ”, Гостивар -200 слободни места; „Крсте П. Мисирков”, Кавадарци-100, во ученичкиот дом „Проф. Мијалковиќ” во Куманово за 120 ученици; „Митко Пенџуклиски”, Кратово-45; „Боро Менков”, Крива Паланка – 84; во „Св.Наум Охридски”, Македонски Брод-70; „Ванчо Питошески”, Охрид-125 ученици; „Кочо Рацин” во Свети Николе за вкупно 106 ученици; „Димитар Влахов”, Струмица-86; „Браќа Миладиновци”, Струга-140; „Здравко Цветковски”, Скопје-396; „Д-р Панче Караѓозов”, Скопје вкупно 103 ученици; „Св. Наум Охридски“, Скопје- 75; „Димитар Влахов” ЗРО, Скопје-90; „Партение Зографски”, Скопје-220; во ученичкиот дом „Искра” во Штип вкупно 96 слободни места.
Приоритет при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на Република Македонија.
Право на сместување во јавните ученички домови имаат ученици кои ги исполнуваат следните услови: Да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2016/2017 година; Да се државјани на Република Македонија; Да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење; Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз; Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.
Учениците кои се запишани во Спортската академија во Скопје, треба да ги исполнуваат следните услови за прием во јавните ученички домови: Да се запишани како редовни ученици во Спортската академија во Скопје во учебната 2016/2017 година; Да се државјани на Република Македонија; Да се со место на живеење различно од местото во кое е Спортската академија и ако во местото во кое ученикот живее не се реализира наставен план за спорт за кои ученикот е запишан.
Комплетната документација, учениците кои конкурираат во првиот уписен рок, треба да ја достават од 29.06.2016 година до 08.07.2016 година во домот каде што бараат сместување. Оние кои конкурираат во вториот уписен рок, документите ги доставуваат од 22.08.2016 година до 30.08.2016 година во домот каде што има слободни места после првиот уписен рок. Учениците пак, кои претходната учебна година престојувале во ученички дом, комплетната документација треба да ја достават најдоцна до 06.07.2016 година до соодветниот дом.
Резултатите од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2016/2017 година по првиот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 22.07.2016 година, додека за вториот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 31.08.2016 година.
Вселувањето на примените ученици започнува од 31 август 2016 година.