Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ja прими, Алана МекТиернан, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија.
На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од континуиранот и позитивен развој на билатералните односи, како и подготвеност за зајакнување на севкупната соработка меѓу Република Македонија и Австралија.
Претседателот Иванов оцени дека бројната македонска заедница која живее во Австралија, претставува дополнителен имплус во развивањето и продлабочувањето на односите во сите сфери од заемен интерес.
Во насока на зацврстување на односите меѓу Република Македонија и Австралија, македонскиот претседател посочи дека од особено значење би била одлуката на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на нашата држава во билатералната комуникација. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази благодарност за личниот ангажман на МекТиернан во однос на ова прашање како и за силната поддршка што ја дава на македонската заедница во Австралија и во градот Перт.
Македонскиот претседател ја поздрави меѓупарламентарната соработка и изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво.
Во разговорите беше истакната потребата и интересот за унапредување на економската соработка и јакнење на трговската размена, за чија цел е потребно натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји.
Двајцата соговорници се заложија и за поинтензивна соработка на мултилатерален план.