Општина: Сите проекти кои ги ветивме на граѓаните на Охрид ќе бидат реализирани

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Не можејќи да ја прикријат сликата на инфериорност и дијаметрална различност во работењето помеѓу оваа и минатата локална власт, а фрустрирани од многубројните реализирани проекти кои секојдневно се презентираат во јавноста, СДСМ- Охрид денес како и три години наназад се обиде преку замена на тези да го прикрие девастирачкото однесување кое беше одлика на нивното 8 годишно брутално уништување на вредностите на градот.

Зарем свитата на СДСМ- Охрид од чие 8 годишно дивеење ќе патат уште многу генерации во наредните неколку десеттици години има кредибилитет и морално право да зборува за „домаќинско“ и неодговорно однесување и финансиска рационалност во работењето!? Зарем Вие кои го задолживте градот со најголем долг во историјата на современа Европа( споредено според бројот на жители и БДП по глава на жител) и го заглавивте во правните лавиринти со несовесните и намерно предизвикани стотици судски спорови, имате храброст да ги советувате граѓаните и институциите за домаќинско работење?

Или можеби за причините за неможноста на општина Охрид да инвестира во услови на екстремна задолженост и блокираност на сметката ќе барате совет од вашиот поранешен градоначалник и неговиот „експертски тим“ во кој за жал и вашето сегашно раководство беше вклучено.

Ако малку имавте грижа на совест и морална одговорност пред граѓаните ќе ги проверевте финансиските показатели на општина Охрид , а доколку поседувавте малку знаење од економија и доблест нема да излегувавте со наводи во вашата прес конференција со кои уште повеќе се закопувате себе си.

Ние работиме транспарентно и отчетно и секоја наша постапка и процедура е отворена за граѓаните на Охрид па така и за Вас и од тука произлегува бесмисленоста на она што вие го прашувате.

Стоиме цврсто и непоколебливо на сите проекти,процедури и постапки кои три години наназад ги спроведуваме за доброто на Охрид.

Со сигурност го имаме најдобриот систем за улично осветлување во Р. Македонија . Заменети се 7 872 улични со нови лед светилки . Поставени се 461 автентичен фенер во стариот дел на Охрид , 54 рефлектори за плоштади и установи од национално значење и културно историски споменици,за разлика од системот којшто вие го одржувавте со дури 300 000 евра годишно без да има евидентни докази за промена на светилките во услови кога половина од нив не светеа а градот беше во тотална темнина.

Знаеме дека ве болат осветлените булевари, улици, плоштади, шеталишта, населби и села. Знаеме дека ве болат старите охридски фенери кои го красат Варош. Знаме дека ве боли илуминацијата на значајните културно- историски споменици во Охрид но тука не можеме да ви помогнеме.

Набрзо, очекуваме уште повеќе да ве заболи почетокот на изградба на градскиот пазар, домот за стари лица, новата автобуска станица и сите оние проекти кои ги ветивме на граѓаните на Охрид и кои ќе бидат реализирани. Но за разлика од вас ние се ќе реализираме во една законски регулирана постапка со почитување рокови и правни процедури кои уште долго ќе бидат имагинација за вас.“- стои во реакцијата.