Стојаноски: Се што во својот мандат вети Бакрачески, ништо не исполни

ОО на СДСМ Охрид, денес одржа прес-конференција, на која говореше, координаторот на советничката група на СДСМ Охрид Јован Стојаноски.

„Недомаќинското и неодговорно работење на градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески се повеќе доаѓа до израз. Се што во својот мандат вети Бакрачески, ништо не исполни.Го нема ветениот Дом за стари лица, нема затворен Градски пазар, нема откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи, нема индустриска зона во Мауцхер. Индустриската зона Охрид – Струга, која спектакуларно беше отворена од Никола Груевски плива во вода. Нема нити домашни нити странски инвестиции во Охрид. Проектот за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување на Општина Охрид, наместо општина Охрид да стопанисува и да заработува 5 милиони евра во од овој проект, Никола Груевски го препушти на сомнителна приватна компанија. Зошто Општина Охрид не стопанисува со овој проект? Која е таа компанија и чии бизнис интереси се штитат преку неа? Дополнително, граѓаните се сведоци за исклучителното лошо осветлување во нашиот град, а бројките покажуваат дека во 2015 година не е остварена потребната заштеда од 40%, колку што е обврска според договорот со приватниот партнер. Малку им е на господата од ДПМНЕ што не знаат да заработуваат од исплатливи проекти, па уште се дрзнуваат дополнително да ги задолжуваат граѓаните на општина Охрид, со кредити од Светска банка во износ од 2 милиони евра. Барем да се задолжуваме како граѓани за капитални проекти, кои ќе овозможат и враќање на кредитите. Ама не, во нивни стил, парите се потрошени за кружни текови, кои, како да ни беа најпотребното нешто.“ – истакна Стојаноски и уште додаде:

„Нека знаат граѓаните дека за кружниот тек на пресекот на улиците Бистрица и Булевар Туристичка се потрошени близу 100.000 евра, а за кружниот тек кај Охридска банка 200.000 евра. Затоа Охрид бара промени. Затоа промените ќе се случат на следните фер и демократски избори. Со победата на изборите, кога СДСМ ќе ја преземе одговорноста, дадена од поддршката на граѓаните, приоритетите ќе ги насочи кон граѓаните и решавање на нивните проблеми. СДСМ има програма и план за реални цели. Тоа е програма на чесна, домаќинска и одговорна политика за народот.“ – заврши Стојаноски.

WebOhrid