Шекеринска: Чист избирачки список и реформи во медиумите за фер избори

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска денес оствари средби со граѓаните на Охрид и охридско. Во изјава за медиумите Шекеринска истакна:

„Денес, Македонија се наоѓа во сериозна политичка, економска, државна криза која што е предизвикана од погрешните и криминални политики на ВМРО ДПМНЕ.

Како резултат на таквите политики сите овие години, денеска како држава се соочуваме со огромен број на луѓе, стотици илјади, коишто заминуваат од државата. Се соочуваме со млади лица коишто се повеќе сакаат да заминат од Македонија.

Се соочуваме со низок животен стандард, со медиумски мрак, со изборни измами и сериозни индиции за голем криминал коишто се случувал.

Овие политики и овие резултати можеме да ги промениме само низ чист, кредибилен, фер и демократски изборен процес.

За таа цел, на Македонија и се неопходни прочистен избирачки список, неопходни и се реформирани медиуми.

За жал и во последниве денови се покажува дека власта бега по секоја цена од фер и демократски избори и сака да продолжи да лови во матно, како што ловела во сите изминати изборни циклуси.

SekerinskaOhrid1

Во текот на вчерашниот ден, станаа достапни документи и дописи коишто доаѓаат од страна на две институции, а тоа е Агенцијата за пошти и Дирекцијата за заштита на лични податоци, коишто замислете, преку ноќ се сетиле дека веќе не било време за спиење и одеднаш станале многу заинтересирани за заштитата на личните податоци на граѓаните на Република Македонија.

Ова се две институции коишто во ист ден испратија дописи и пораки и одлуки до ДИК со една и едниствена цел, координирана од врвот на ВМРО ДПМНЕ, а тоа е да се спречи понатамошното јавно објавување на сите податоци од избирачкиот список.

На тој начин ќе се криши Изборниот закон и ќе се кршат принципите коишто беа договорени и во Пржино и после тоа.

Замислете овие две институции коишто молчеа сиве овие години кога на пример партиски организации шетаа од врата на врата и со податоци од ПИОМ коишто содржеа и адреси и податоци и имиња и презимиња и единствени матични броеви, одеа од човек на човек, тогаш овие две институции никаде ги немаше.

Кога излезе скандалот со употребените лични карти од страна на владеачките партии, тие молчеа.

Сега кога постоеше целосен консензус дека избирачкиот список јавно достапен до сите граѓани ќе се прочисти и како резултат на дојавување и од страна на граѓаните, одеднаш го свртеа листот и сега бараат ДИК практично да им ги затвори овие информации коишто беа достапни до граѓаните.

Со тоа се покажува дека власта бега од фер и демократски избори и дека се плаши дека било каков јавен пристап до избирачкиот список ќе ги открие дополнително, криминалот коишто бил правен во претходните избори.

Заради тоа сакам да ја испратам пораката. На граѓаните на Република Македонија и требаат избори час поскоро, коишто ќе стават крај на овие погубни политики.

Тие избори мора да бидат фер и демократски. За фер и демократски изброи неопходен е чист избирачки список и неопходни се реформирани медиуми.

Ние ќе продолжиме да инсистираме на овие два услова без кои фер и демократски избори нема да бидат возможни.“ – изјави Шекеринска.