Министерството за образование и наука во соработка со Светска банка преку “Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации“, започнува со реализација на грант програма вредна 700.000 евра, чијашто цел е поврзување на јавните средни стручни училишта со малите, средните и големи компании.
Ова го истакна на денешната прес конференција заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој додаде дека на овој начин ќе се подобри практичната настава и вештините за вработување на учениците.
„Програмата нуди неколку типови на грантови, односно нуди можност за финансирање на проекти за реализација на практичната настава во склоп на училиштата, за организирање на кампови за техничка обука за време на летен распуст, курсеви за практична обука во училиштата, проекти за реализација на практична настава во компаниите – директно на работно место, проекти за основање на реални училишни компании и слично. Износот на средства кои можат да се добијат се движи од 5.000 до 20.000 евра по проект“, изјави Ристовски.
Тој апелираше до јавните средни стручни училишта и заинтересираните компании да воспостават соработка и да изготват заеднички проекти, преку кои што бенефит би имале првенствено учениците кои што ќе бидат добро подготвените за работен агажман, но и самите компании.
Секое училиште може да аплицира со повеќе проекти за повеќе типови на грантови, најдоцна до 15ти мај, а апликациите мора да бидат изготвени во соработка со компаниите и во согласност со целите на грант програмата која министерство веќе ја објави.
За да се постигне поголема искористеност на можностите кои што ги нуди грант програмата, Министерството за образование и наука за сите 75 јавни средни стручни училишта ќе организира обуки, односно ќе обезбеди техничка помош за квалитетно и навремено изготвување на апликациите и за понатамошно постапување во случај на одобрен грант. Обуките ќе се организираат по региони. Започнуваат во вторник, на 5ти април во Скопје во просториите на Машинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, потоа на 6ти април во Тетово во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа, на 12ти април во Штип, во просториите на Универзитетот “Гоце Делчев“ и на 13ти април во Битола, во просториите на Техничкиот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски“.
Линк до Јавениот повик Грант програмата
http://mon.gov.mk/index.php/dokumenti/2014-07-30-12-00-34/sdis-proekt