Откриени царински измами и мигрант, запленети мотори, акцизни производи, девизи, облека

Mинатата недела, царинските службеници открија две царински измами, обид за нелегално преминување на границата од страна на 1 мигрант и повеќе обиди за криумчарење. Притоа, привремено се задржани возило со бункер, мотори за моторцикли и чамци, домашна ракија, цигари, девизи, семки од марихуана, облека, памучна ткаенина, футроли за мобилни телефони, загар и фалсификати.

Царински измами

Царинските службеници минатата недела открија два обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки преку погрешно тарифирање на стока и погрешно декларирање на потекло на стока.

Во првиот случај, во царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење монитори, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При извршен детален преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека производите треба да се распоредат во друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 100 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.

Во вториот случај, во царинската испостава Скопје 1 увозник од Скопје пријавил за увозно царинење електрични мотори, прекинувачи, трансформатори и окови за прозорци, пријавени како стока со преференцијално потекло. При извршен документарен и физички преглед на стоката, утврдено е дека за одредени производи не постои доказ за преференцијално потекло – уверение за движење ЕУР 1 или изјава во фактура.Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 44 илјади денари, а против увозникот ќе биде поведена соодветна постапка за сторениот прекршок.

Покрај тоа задржана е следната стока:

Возило со бункер

Мобилните царински тимови привремено задржаа едно патничко возило со специјално конструиран бункер за криумчарење на стока.

На 28.03.2016 година, на граничниот премин Богородица, за влез во државата се пријавил српски автомобил, управуван од српски државјанин. При детална контрола на возилото, откриен е специјално конструиран бункер за криумчарење на недозволена стока, сместен во багажниот простор, каде е поставена дополнителна преграда меѓу задното седиште и багажниот простор. Возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 4 употребувани мотори (3 за моторцикли и 1 за чамец) и 1 употребувана пента за чамец, откриени при контрола на германски автомобил, управуван од германски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените мотори, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Акцизна стока

– 143 литри домашна ракија и 7 штеки цигари, откриени при контрола на повеќе малопродажни и угостителси објекти, на територијата на Прилеп, Битола, Охрид и Струга, извршени од страна на повеќе тимови од Царинарница Битола. Во 3 одделни случаи, кај правни лица во Прилеп и Струга, се пронајдени акцизните производи кои воопшто не биле означени со контролни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба. Против прекршителите Царинската управа започна соодветни постапки.

– 21 штека цигари CAMEL FILTER без акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола багажот на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Цигарите се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Девизи

– 8.000 евра, откриени кај двајца македонски државјани кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Кај едниот патник, во џебот од панталоните се пронајдени 7.000 евра, а кај другиот патник во џебот од ракавот на јакната се пронајдени 5.000 евра, за кои патниците не поседувале документи за потекло.

– 4.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој како возач на македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во внатрешниот џеб од јакната на возачот се пронајдени 6.000 евра за кои не поседувал документ за потекло.

Согласно законските прописи, на патниците им се вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторените прекршоци поднесени се барања за поведување прекршочни постапки.

Семки марихуана

– 32 семки од марихуана, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на поштенска пратка од Холандија, наменета за физичко лице од Струмица. Семките биле спакувани во 7 картонски пакетчиња со натпис Royal Queen Seeds.

Облека

– 100 парчиња детска облека (фустани, здолништа, блузи, костуми, болера и фармерки), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле тројца македонски државјани. Текстилните производи, сопственост на патник во возилото, се пронајдени во повеќе најлонски кеси сместени зад предните седишта и во две патни торби сместени во багажникот на возилото. Непријавените производи се привремено задржани, а против сопственикот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 16 кожни јакни, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Јакните се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

– 27,7 кг памучна ткаенина (4 ролни) и 152 парчиња макари со конец за шиење (760.000 метри), откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени на горниот кревет и во фабричките прегради во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Останато

– 440 футроли за мобилни телефони, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Малме. Непријавените футроли се привремено задржани а против патникот е поведена прекршочна постапка.

– 1 куче од расата загар, откриено при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Дојран. Возачот приложил неисправни документи за кучето, а истото немало и чип за идентификација. Против сoпственикот е поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 638 силиконски футроли за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Кина, наменета за фирма увозник од Скопје.
Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Мигрант

Мобилните царински тимови спречија обид за нелегален излез од државата на патник – мигрант од Сирија. На граничниот премин Табановце автопат, за излез од државата се пријавило германско патничко комбе, управувано од германска државјанка. При контрола на возилото, позади возачкото и совозачкото седиште, под кревот сместен на местото на задното седиште, помеѓу картонски кутии со лични предмети, е пронајдено лице со лични документи од Сирија.

Возачот, мигрантот и возилото се предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување.