Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денеска оствари средба со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија.
На средбата стана збор за европските интеграции на Република Македонија, реформите кои се преземаат и актуелната политичка ситуација во земјата.
Соговорниците ја истакнаа потребата и заложбата од организацијата на фер, кредибилни и демократски избори, при што се согласија дека сите политички партии треба да покажат посветеност за унапредување на довербата во изборниот процес.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев истакна дека приоритет на Владата е организацијата на фер, кредибилни и демократски избори на 5 јуни, што ќе овозможи разрешување на политичката состојба во земјата и формирање на Влада која ќе може да се посвети со полн интензитет на реформите и проектите кои имаат реална корист за граѓаните.
Тој ја истакна поддршката која Владата за спроведување на изборите ја обезбедува за потребите и барањата на Државната изборна комисија во насока на прочистувањето на избирачкиот список, и потенцираше дека и покрај ограничениот мандат и специфики Владата, во границите на своите ингеренции, е посветена и на реализација на проектите и реформите од владината програма.
Двете страни ја истакнаа и значајноста од континуираното спроведување на реформи чија цел е унапредување на стандардите и реализација на агендата за европските интеграции на нашата земја, за што и во идниот период ќе се остварува заедничка соработка.