Министерството за култура денеска ги промовираше последните девет книги од проектот „Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици“ – сублимиран приказ на репрезентативен избор од најдоброто од македонските литературни дела кои интегрално беа објавени во едицијата „135 тома македонска книжевност“, а потоа во целост преведени и на англиски јазик.
Антологиите опфаќаат седум книжевни родови (поезија, роман, расказ, драма, есеј, книжевна критика и литература за деца) и се објавени на француски, германски, шпански, руски, арапски и на кинески јазик. Во изборите се содржани дела од македонските преродбеници до современи автори.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на претставувањето на завршената антологиска едиција на македонската книжевност истакна дека таа ги содржи сите жанрови и од сите генерации македонски творци. Вкупно се објавени 48 дела распоредени во седум антологии во осум тома (антологијата за роман е двотомна) и на 25 илјади страници опфаќаат над 200 македонски автори.
„Целокупната антологиска едиција и сите 48 дела кои сведочат за развојните процеси на македонската литературна, културна и национална мисла, ќе бидат доставени до светските библиотеки, до амбасадите на сите говорни подрачја опфатени со преводот на овие вредни изданија, а ќе бидат дел и од значајните претставувања на македонската книжевност на светските саеми и манифестации на кои ќе се претставува Република Македонија,“ рече Канческа-Милевска.
Промоторот Бранко Цветкоски, еден од седумтемина составувачи на оваа едиција, истакна дека таа е „чудесна шестјазична светска премиера на македонската литература“ која, како што рече, ќе ги пренесе на различните светски меридијани духот на македонското поднебје, дарбите на македонскиот идентитет и идентитетите на националните заедници во Македонија.
„На светската академска и читателска публика им нудиме концепциски заокружен приказ на нашата книжевност, а со тоа достоинствено се спротивставуваме на опозитно поставените определби за „условно“ големите и мали книжевности, нагласувајќи го нашето длабоко уверување дека единствениот вредносен суд за книжевноста е, првенствено, естетскиот“, рече Цветкоски.
Покрај него, во составувањето на антологските избори од македонската литература учествуваа и Санде Стојчевски, Раде Силјан, Веле Смилевски, Јелена Лужина, Венко Андоновски и Иван Џепароски.
Проектот го реализираше Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од чие име се обрати Јовица Тасевски-Етернијан, член на стручната редакција од НУБ. Посочи дека преку антологиите преведени на шесте најраспространети светски јазици, како и преку претходно објавените преводи на англиски јазик на 135 книги од македонски автори, се овозможува широко претставување на врвните литературни остварувања на книжевниците од Македонија.
„Светската јавност, односно голем број љубители, проследувачи и проучувачи на литературата, како и многу потенцијално заинтересирани издавачи од различни културни средини и од повеќе континенти, сега имаат увид во експресивното богатство и автентичните естетски вредности на македонската литература“, рече Тасевски-Етернијан.
Минатата недела беше и последната промоција од големиот проект „Ѕвезди на светската книжевност“ со објавување на сите планирани 560 наслови во едицијата, реализиран од Владата на РМ и Министерството за култура.