Општина: СДСМ и неговиот состав се сеуште многу далеку од епитетот на сериозен политички репрезент на граѓаните на Охрид

Во врска со прес конференцијата на СДСМ, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Ниту една манипулација и лага во безидејните јавни настапи на СДСМ – Охрид не може да го засени несоборливиот факт и вистината во градов, дека Отчетот на градоначалникот Никола Бакрачески за период април 2013 – 2016 што вчера беше промовиран е најобемниот, најсериозниот, јавен документ кој го одразува напорното, одговорно и посветено работење на градоначалникот Бакрачески и тимот на оваа локална самоуправа. Чин на највисока свест, обврска, и должност кон граѓаните на Охрид, кои никогаш, а ниту сега не биле одлика и не постоеле во лексиконот на СДСМ – Охрид.

Ниту една политичка сила, а најмалку СДСМ- Охрид за кого поимите чесност и одговорност се само апстракции, може да ги побие изложените факти и аргументи кои се документирани, евидентирани и статистички обработени.

Чесната работа, чистиот образ, искрениот пристап, напорната работа и транспарентноста во работењето се пет основни постулати со кои се одликува оваа локална власт на чело со градоначалникот Бакрачески, а се дијаметрално спротивни на деструктивните и манипулаторски постулати на СДСМ – Охрид од кои градов силно пропати.

Спремноста и после три години од практикување на власта исправено, гордо и со директен поглед во очи да се стои пред народот е доблест досега невидена на овие простори и својствена само за градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот начин на работа.

Мислевме дека барем еднаш во овие три години СДСМ- Охрид ќе се заозбили и ќе покаже одговорност и наместо со произволни проценки и исконструирани манипулации ќе се спротивстави на она што ние го изложивме во нашиот Отчет со издржана критика, а преку илустрација на анализи, факти и аргументи. Но очигледно дека е премногу рано за вакви претпоставки, СДСМ Охрид и неговиот состав се се уште многу далеку од епитетот на сериозен политички репрезент на граѓаните на Охрид.“ – се вели во реакцијата од Општина Охрид.