Спомен на чудото во Печерскиот манастир
Двајца другари, Јован и Сергеј, се побратимија пред иконата на Пресвета Богородица во овој манастир. Јован беше богат човек и имаше петгодишен син Захарија. Јован се разболе и пред смртта својот син го предаде на старателство кај Сергеј, на кого што му остави на чување прилично количество злато и сребро, со тоа што да му биде врачено на Захарија кога ќе порасне. Но кога порасна Захарија, Сергеј одрече дека примил било што од умрениот Јован. Тогаш Захарија му побара да се заколне пред истата онаа икона на Пресвета Богородица пред којашто влезе во братство со неговиот покоен татко Јован, а вети дека потоа тој не би барал од него ништо. Сергеј се согласи. Но кога се заколна, сакаше да пријде да ја целива иконата, само што некоја сила го држеше на растојание и не му допушташе. Тогаш почна бесомачно да вика: „Свети отци, Антониј и Теодосиј, не пуштајте да ме погуби овој немилосрден ангел!“ По Божјо допуштение беше нападнат од демонот. По ова Сергеј му ги покажа на Јовановиот син сите пари што ги наследи од таткото. Кога отворија пак, ја најдоа онаа сума удвоена, како што по Божја Промисла се имаше удвоено сама од себе. Штом ги прими парите Захарија му ги даде на манастирот, а самиот таму се потстрижа за монах, проживеа долго и се удостои со големи духовни дарови. Мирно се упокои во Господ.
Преподобен Јаков Исповедник
Беше монах на Студитскиот манастир. Пострада за иконите од царот Лав Ерменин. Кога великиот Теодор Студит беше во ропство, Јаков го фрлија во големи маки за да се одрече од иконопочитувањето. Но тој остана истраен и верен на Православието докрај. Избиен и измачен го вратија назад во манастирот, а тогаш злобниот цар најде зол крај на својот живот. Преподобен Јаков умре во манастирот од тешките повреди стекнати при страдањето.