Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, донесе одлука решението за распуштање на Собранието да го потпише на 15 април. Како што се вели во соопштението од кабинетот на Вељаноски, оваа одлука е донесена за изборите на 5 јуни да бидат фер и демократски.
„Во согласност со одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, јас, како претседател на Собранието, водејќи се врз основа на уставните рамки за распишување избори, одлучив решението за распишување на предвремени парламентарни избори да го потпишам на 15 април, а изборите да се одржат на 5 јуни 2016 година, со единствена цел да се обезбедат услови за фер и демократски избори. Во оваа пригода сакам да апелирам до секој од вас, до институциите, до политичките субјекти, да го дадат својот придонес за претстојните предвремени парламентарни избори да поминат во фер и демократска атмосфера, со што уште еднаш ќе потврдиме дека ги почитуваме и споделуваме европските вредности“, пишува во соопштението од кабинетот на Вељаноски.
Вчера пред полноќ, Вељаноски го распушти Собранието и им заблагодари на пратениците за досегашната работа. По ова, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција рече дека СДСМ нема да учествува на „криминални избори“.
Извор: meta.mk