Во запуштените капацитети – инвестициски бум

Политиките за привлекување странски инвестиции даваат резултат. Во Македонија влегуваат компании кои вложуваат во запуштените капацитети, во загубарите, во рудниците со затворени окна, работниците се враќаат на работа. За разлика од порано кога фабриките се затвораа и работниците остануваа на улица, сега се случува обратен тренд, се отвораат нови капацитети и се рестартираат постојните.

„Порцеланка“ станува од мртвите!

За разлика од времето на СДСМ, кога Велешани немо гледаа како пропаѓа „Порцеланка“, гордоста на нивниот град со над 3 илјади вработени, Владата на ВМРО-ДПМНЕ најде инвеститор за овој огромен капацитет. „Порцеланка“ сега е во рацете на индиската групација „БРГ“.

Новата фабрика ќе биде лоцирана во објектите на поранешна „Порцеланка“. Ова инвестиција е резултат на нашите заложби да вратиме во живот колку што можеме повеќе од фабриките кои згаснаа во времето на транзицијата. Тоа е исклучителен важен период од нашата историја, која остави без работа илјадници граѓани низ нашата држава и стави клуч на многу фабрики низ Македонија. Велес беше особено погоден во времето кога се затвораа фабриките, а една од нив беше и поранешната „Порцеланка“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Ако порано од халите излегуваше порцелан, сега ќе излегуваат производи за домаќинство, садови за готвење од не’рѓосувачки челик.

Нашата фабрика во Велес којашто се наоѓа во просториите на поранешна Порцеланка ќе го фокусира своето производство главно на производи од челик, коишто ќе се продаваат на пазарите во Европа, Северна Африка, Блискиот Исток. Велес повторно ќе го направиме центар на квалитетни производи, вели Шанаи Бандари од „БРГ“.

Велес е повторно индустриски град. Инвестираше големиот „Маркард“, но и низа компании кои купија парцели во индустриската зона.

Нашето ветување беше дека ќе донесеме инвестиции во Велес кои ќе значат нови работни места и кои ќе го подобрат животот. Тоа и се случува, вели министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Индиската БРГ е сериозна компанија, поседува шест фабрики со 13 илјади вработени и има годишен обрт од 500 милиони евра.

Бугари во „Злетово“ и во „Тораница“

Бугарски „Минстрој“ и официјално стана нов концесионер на рудниците „Злетово“ и „Тораница“. Инвеститорот порача дека ќе ги задржи на работа сите илјада вработени, а ќе им ги надомести и заостанатите плати. Рудниците од истокот на земјава можат да бидат спокојни. Производството во „Злетово“ почнува кон средината на мај, во „Тораница“ неколку месеци подоцна.

Ќе ги преземам сите вработени кои речиси една година не добиле плата и веднаш ќе им ги исплатам сите заостанати плати, а уште во текот на месецов ќе ги вратам на работа сите, вели инвеститорот, Николај Влканов.

Премиерот за спроведување на изборите Димитриев, кој доаѓа од Пробиштип, очекува ова да има влијание врз економијата во целиот регион, бидејќи инвеститорот најавува вложување во нова опрема што треба да придонесе кон профитабилно работење на рудниците и во иднина.

Ова е особено важно за нас како Влада, но уште е поважно за жителите од Крива Паланка, Пробиштип и од околните населени места. Конечно решаваме еден голем проблем кој го имавме со претходниот концесионер и неговата работа која ги однесе во стечај двата рудника, вели Димитриев.

Работа за илјада луѓе, зголемено производство, раздвижување на индустријата за минерални суровини и руди – ова се очекувањата од новата инвестиција.

Тие планираат инвестиција од 10 милиони евра, сигурна работа за илјада рудари, односно егзистенција за илјада семејства од овој крај на државата. Продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните и да работиме во нивна корист, вели Груевски.

Нов инвеститор во ЕМО!

За просторот на загубарот ЕМО од Охрид се заинтересирани три компании, со кои се водат сериозни преговори. Се работи за фирми од различни индустрии и од различни држави.

Во длабоки преговори сме со нив и се надевам дека во наредните неколку месеци ќе дојде до реализација на инвестиција во просториите на ЕМО, откри деновиве Груевски.

Стотици погони чекаат на инвеститори

На бизнис – заедница и стојат на располагање 450 браунфилд капацитети, кои можат да се рестартираат или да се прилагодат за нова дејност. Погоните се подготвени и за домашни и за странски инвеститори. На страница brownfields.investinmacedonia.com можат да се најдат сите информации за стотици погони, инвеститорите да се запознаат со потенцијалите кои можат да бидат искористени во бизнис цели.

Ова е важно за сите субјекти кои сакаат да почнат нов бизнис или да го прошират постојниот бизнис во нови капацитети. Агенцијата за странски инвестиции стои на располагање за сите информации, а можно е да се организираат и посети на терен, вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Дополнително, преку проектот „Деловен простор за бизнис заедницата“, државата на стопанските субјекти им овозможува да се стекнат со сопственост на деловни простории кои се сега во државна сопственост.

Овој проект е директен и позитивен одговор на барањата на бизнис – заедницата. Податоците покажуваат дека е успешен и има добри резултати. Преку отуѓувањето на несуштинскиот имот се акумулираат средства кои државата ги инвестира во други дејности како што се изградба на школи, градинки, медицински капацитети, патишта и слично, а бизнис – заедницата добива деловен простор во своја сопственост, кој го користат многу поефикасно и попродуктивно, објаснува Ѓорѓиев.

fb-status-640x486